Лана Бариќ – актерка, режисерка и сценарист: Имав потреба да раскажам приказна за една од нас, за жена што има своја борба што речиси никој не ја гледа

приватна архива - филмски печат

Лана Бариќ е една од најактивните хрватски филмски актерки во моментов. Неодамна беше прогласена за најдобра актерка на 4. ФЕСТ во Белград за улогата во „Тереза 37“ во режија на Данило Шербеџија, филм за кој Бариќ го потпиша сценариото.

„Тереза 37“ ја имаше премиерата минатата година на Мотовунскиот филмски фестивал и ги доби сите значајни награди во Пула, вклучувајќи ги и Големата златна арена за најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио. Во филмот, главната хероина не може да стане мајка и под притисок на
најблиското окружување, започнува да го преиспитува својот живот, бракот, односите со поширокото семејство, по што комплетно се менува.

Фото: Приватна архива

„Тереза 37“ е Ваше прво сценарио за долгометражен филм. Што беше најголемиот предизвик во тој процес и како дојде до соработката со Данило Шербеџија?

– Не можам да кажам дека беше нешто што премногу бараше, некако попатно научив да пишувам за филм, одев на различни работилници и го развивав. Мојата пријателка и колешка Ивана Рошчиќ ми сугерираше да му го понудиме на Данило, бидејќи самиот сакаше да работи женска тема, нешто различно од она што го правел досега, му се допадна сценариото и така почнавме. Филмот зборува за жена што сака да стане мајка, но кога не успева, својот живот го насочува во сосема друг правец.

Каква е Тереза, каква е нејзината борба?

– Имав потреба да раскажам приказна за една од нас: таа е жена што ретко ја забележуваме, има своја борба што речиси никој не ја гледа. На една таква „невидливост“, да дадам видливост. Таа е сублимат од моите искуства и искуствата на жените со кои растев, многу од сите нас е запишано во неа.

Филмот е актуелен во период кога на просторите на поранешна Југославија речиси секојдневно во јавноста се споделуваат искуства за сексуално насилство, насилство во болниците, екстремните движења против абортусот… Каков е одекот досега?

– Јас не познавам ниту една жена што не доживеала некаков вид сексуално вознемирување, агресија и насилство. Тоа е, како што сами знаете, една голема и болна тема. Сценариото почнав да го пишувам многу млада, го пишував главно за она што сум го искусила, на што сум сведочела и многу нешта во тој филм се, за жал – реални. Реакциите на жените се исти – болни и многу од нив се препознаа во делови од приказната. Генерално, публиката многу добро реагира на Тереза и многу сум среќна поради тоа.

Го избравте бетонски Сплит и некако се поклопи со пандемијата и со клаустрофобијата што ја предизвика во градовите. Сплит е активен филмски лик. Зошто се одлучивте за вакво окружување наместо она познато од туристичките разгледници?

– „Сплит 3“ каде што е снимано е кварт во кој пораснав, таму одев во основно училиште и самото се наметна како избор. Планиран и граден како семејно маало по мера на човекот и мене ми е прекрасен, навистина многу го сакам. Бетонот и горештината многу добро се вклопија во приказната и сакавме Сплит да биде еден од ликовите во филмот, тоа ми беше важно бидејќи е некако мое и автентично, како и многу нешта во филмот.

Фото: Лана Бариќ / Приватна архива

Има една интересна приказна за изгубена скулптура, која по снимањето е пронајдена. Што, всушност, се случи?

– Уметникот Васко Липовац пред речиси 50 години направил просторна скулптура и сакал да ја постави во улица „Браќа Борозан“ (денес „Шиме Љубиќ“) каде што пораснав, во склоп на проектот „Предлози во просторот“. Но, скулптурата е изгубена и не се знаеше ништо за неа. Бидејќи во реалноста ја немаше, сакав да ја има во филмот и да биде поставена онаму каде што првично и требало да биде. Направивме макета во истите димензии и бои, а судбината ќе сака таа да биде пронајдена неколку месеци по премиерата, во депото на Музејот на современа уметност во Загреб каде што лежела половина век. Пронајдени се три такви скулптури, кои Васко ги изложил на
„Пластекс Арта“ во 1975 година и се претпоставува дека оттогаш се во депо. Неговото семејство не знаеше ништо од сето тоа, делото не било ни заведено,  но сите сме среќни што е пронајдена.

Во постпродукција е „Snow White“, краток филм за кој го напишавте сценариото, но и првпат режиравте. За што станува збор?

– Секогаш кажувам дека е тоа приказна за жена што вози чистач за снег, иако не е баш за тоа. Тоа е краток филм, па кога ќе кажеш една реченица, си кажал сè. Но, многу сум задоволна и се надевам на скорешна премиера.

Вие сте потпретседателка на Хрватското друштво на филмски работници. Која е Вашата оцена за состојбата на домашната кинематографија, што најмногу недостасува, каква е иднината? И како стои со другите кинематографии во регионот?

– Во моментов најголемиот предизвик е да го сочуваме здравјето. Сите се уплашени, најмногу поради стопирањето на снимањата и атмосферата е неизвесна, иако многу луѓе се вакцинираат и се надевам дека ќе се чувствуваат побезбедно. До крајот на годината во Хрватска би требало да се
снимат 9 филма, да се надеваме дека успешно ќе се реализираат. Како што и сами знаете, нештата се многу неизвесни. Особено за културниот сектор. Недостасуваат пари и кај нас и во регионот. Тоа е најголемиот проблем, нема голема мистерија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот