„Лајка“ во обид да го намали бројот на бездомни животни во Скопје

Отварање на ЈП Лајка - Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митреска - Слободен печат.

Секој што сака да вдоми куче, тоа може да го направи со згрижување едно или повеќе животни, кои се заловени од  вработените во ЈП „Лајка“, а кои претходно живееле на улица.

Но, според надлежните, иако нивна цел е секое куче кое во моментов е на улица да си најде свој дом, сепак, потенцијалниот згрижувач на куче пред да добие можност да го вдоми, ќе треба да пополни прашалник за вдомување, по што ќе разговара со стручно лице вработено во прифатилиштето за да се процени дали заинтересираниот граѓанин е соодветен и дали би бил одговорен сопственик.

– Доколку се покаже дека вдомувачот е соодветен, тој ќе оствари контакт со животното кое сака да го вдоми минимум двапати, да го посети прифатилиштето и да помине време со него. Назначени вработени од прифатилиштето на ЈП „Лајка“ ќе имаат обврска да го посетат вдомувачот со цел да се утврди дали го чува соодветно и во согласност со Законот за благосостојба на животните – децидни се од ЈП „Лајка.

На територија на Скопје, според процената што ја правеше ЈП „Лајка“ во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина и со поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство, има 1.970 бездомни кучиња. Оваа бројка се должи на огромниот број несовесни сопственици на кучиња, кои по одреден период решаваат своето дотогашно милениче да го остават на улица. Вториот фактор што придонесува за голем број кучиња низ Скопје е и ненавремената стерилизација на животните.

– Задача на ЈП „Лајка“ е да го намали бројот на бездомни кучиња на улиците на градот Скопје, користејќи хумани методи, подигнување на свеста за одговорното сопствеништво, како и да ги поттикне граѓаните да ги регистрираат, стерилизираат и вакцинираат своите домашни миленици. Приказната за проблемот со бездомните кучиња, нападнати и каснати граѓани не застарува со години, нашето прифатилиште ќе се труди во целост да ја промени оваа слика. Не само за поголема безбедност на граѓаните, туку и подобар живот и хуман третман на кучињата во Скопје – велат од ЈП „Лајка“

Во  моментов во стационарот на ЈП „Лајка“ се наоѓаат околу 40 кучиња, кои биле заловени од различни локации на територијата на градот Скопје.

– Бројката на заловени кучиња постојано варира бидејќи стручни сертифицирани тимови на заловувачи на ЈП „Лајка“ активно постапуваат по поднесените пријави и жалби на граѓаните. Сите згрижените кучиња во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ подлежат на хуман третман кој вклучува: крвна слика, 4Д-тест, тест за лишманија по единствена акредитирана метода (кој е задолжителен според годишната наредба на Агенцијата за храна и ветеринарство), терапија против внатрешни и надворешни паразити, вакцинација против заразни болести и беснило, кастрација/стерилизација, микрочипирање и обележување со ушна маркичка – ја објаснуваат постапката за третирање на заловените животни од ова јавно претпријатие.

Оттаму велат дека нивна задача како новоформирано јавно претпријатие е да го намалат бројот на бездомни кучиња по улиците, користејќи хумани методи, подигнување на свеста за одговорното сопствеништво, како и да ги поттикнат граѓаните да ги регистрираат, стерилизираат и вакцинираат своите домашни миленици.

Тие ги повикуваат и граѓаните кои сакаат да помогнат и ги сакаат животните, да се вклучат во волонтерските тимови.

– Секој љубител на кучиња кој сака да придонесе волонтерски преку својот ангажман во прифатилиштето на ЈП „Лајка“, ќе може да пушти барање и кратко мотивациско писмо каде што ќе објасни зошто би сакал да волонтира и на каков начин би придонел за бездомните кучиња во нашето прифатилиште. Секоја апликација детално ќе биде разгледана. Волонтерите ќе бидат задолжени за анимирање, шетање, грижа и одржување на кучињата. Бараме вистински волонтери – вистински љубители на животни, кои несебично ќе им посветат – велат од ЈП „Лајка“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот