„Лајка“: Внимавајте на милениците – и тие доживуваат топлотен удар!

ЈП Лајка / Фото: Драган Митреска - Слободен печат.

Од ЈП „Лајка“ излегоа со апел до сопствениците да бидат исклучително внимателни и да се придржуваат кон дадените совети за грижа и заштита на кучињата во летниот период.

Екстремно високите температури што се карактеристични за овој период од годината, можат да бидат причина за појава на топлотен удар, не само кај луѓето туку и кај животните. Затоа, исклучително важно е сопствениците на домашни миленичиња за нив да се грижат соодветно за да го сочуваат здравјето на животното.

Токму затоа, за сите оние што имаат домашни миленичиња, од ЈП „Лајка“ излегоа со апел до сопствениците да бидат исклучително внимателни и да се придржуваат кон дадените совети за грижа и заштита на кучињата во летниот период.

– Шетајте го кучето во одредени периоди од денот (рано наутро или во вечерните часови) кога температурите се значително пониски. Доколку го чувате кучето во двор или го оставате подолго време на отворено, обезбедете му место под сенка каде што ќе може да ги избегне сончевите зраци доколку почувствува дека температурите се превисоки за него. Често менувајте му ја водата за пиење. Никогаш не го оставајте го затворено во возило, па дури и кога се работи за денови со ниски температури. Избегнувајте шетање по асфалт, тоа може да доведe до изгореници на шепите. Обратете се кај вашиот ветеринар за какви било проблеми или дополнителни прегледи и вакцини. Внимавајте на болвите кои се најзастапени во летниот период, советуваат од ЈП „Лајка“.

Од ова јавно претпријатие посочуваат дека, согласно со високите температури карактеристични за овој период од годината, а сè со цел да се заштитат милениците, како што велат од таму, важно е сопствениците најпрво да ги препознаат симптомите, за потоа полесно да им се пружи потребната помош за нега и заштита која им е потребна.
Од „Лајка“ објаснуваат дека е исклучително важно сопствениците да ги препознаат симптомите што укажуваат на топлотен удар кај миленичето, а тоа се отежнато и забрзано дишење, зголемен пулс и работа на срцето, прекумерно лачење лигавица од устата, мускулна слабост, крвава столица и нагони на повраќање како и зголемена телесна температура на животното.

Доколку сопствениците забележат некои од овие симптоми кај миленичето, од ЈП „Лајка“ советуваат веднаш да се обратат кај ветеринарот што се грижи за животното.

– Доколку не сте во можност да го однесете миленичето на ветеринар, однесете го во затемнета просторија каде што нема да има директен контакт со сонцето. Поставете ладно-мокра крпа над неговиот врат и глава (повторувајте ја постапката повеќепати). Доколку сте во можност, обезбедете црево со вода што ќе тече низ неговиот абдомен и секако колку што можете побрзо однесете го миленичето на ветеринар, советуваат од ЈП „Лајка“ од каде што потсетуваат дека грижата за здравјето на кучињата, е исто толку важна како и здравјето на човекот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот