Лајка: Работиме законски иако годинешната програма подлежи на доработка

Отварање на ЈП Лајка - Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митреска - Слободен печат.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека општините се обврзани да подготват и да достават програмата за справување со бездомни животни до АХВ на одобрување, но враќањето на доработка или корекција не значи дека прифатилиштата не смеат да работат.

Програмата за хуман третман и благосостојба на животни скитници за оваа година е испратена на одобрување во Агенцијата за храна и ветеринарство и во моментов подлежи на доработка. Сепак, како што велат од ЈП „Лајка“ тоа не значи дека работат против законски, туку во согласност со закон, правилник, годишна програма и други прописи на позитивното право.

Секоја година Советот на Град Скопје усвојува годишни програми за работа на сите јавни претпријатија поединечно. Програмата, по која од отворањето до крајот на 2020 година работеше претпријатието, е изгласана од управниот одбор на ЈП „Лајка“, усвоена од Советот на Град Скопје, доставена на одобрување и одобрена од Агенцијата за храна и ветеринарство, реагираат од „Лајка“ по обвинувањата дека работат според годишна програма што сѐ уште не е одобрена од АХВ. Програмата за 2021 година, откако ги помина сите законски постапки, е вратена на доработка од АХВ.

– Како што е наведено во одговорот на претставката од Агенцијата, програмата подлежи на доработка. Овој процес во никој случај не значи дека Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници „Лајка“ – Скопје работи противзаконско, напротив, според Статутот на ЈП „Лајка“, нашата дејност е од јавен интерес и работиме трајно и без прекин – објаснуваат од ова јавно претпријатие.

Оттаму додаваат дека Програмата на ЈП „Лајка“ за 2021 година, речиси и да не се разликува од онаа за 2020 година која беше одобрена од Агенцијата. Надополнувањето, како што велат,  се однесува на делот и проблемот со бездомните коњи, за кои претпријатието прави напори да обезбеди хуман третман.

Реакцијата на ЈП „Лајка“ следи по објавата на советничката во Советот на Град Скопје Драгана Велковска која на Фејсбук објави документ добиен како одговор на претставка што советничката ја поднела против работењето на ова јавно претпријатие.

  • Добив одговор на претставката што ја поднесов против ЈП „Лајка“ Скопје. Прифатилиштето работи без одобрена програма од Агенцијата за храна и ветеринарство. Одобрувањето на програмата е законска обврска според член 28 став (3) од Законот за заштита и благосостојба на животни!  Ништо нема да се смени додека активисти – волонтери за животни и животна средина не станат дел од Советот на Град Скопје! Ништо! – напиша советничката Велковска на својот фејсбук-профил.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека општините се обврзани да подготват и достават програмата за справување со бездомни животни до АХВ на одобрување, но враќањето на доработка или корекција не значи дека прифатилиштата не смеат да работат.

  • Услов за работа на прифатилиштата е тие да се одобрени од АХВ преку спроведување на соодветна постапка за одобрување на прифатилиште. Прифатилиштата траба да работат во согласност со законските и подзаконските акти. Програмата што се обврзани да ја донесат служи за полесно да ги имплементираат законските обврски, со цел на ефективно, ефикасно и правилно спроведување на системот за контрола на бездомни кучиња во одредена општина. Преку донесување и имплементација на добар план и програма побргу и поевтино се доаѓа до конечниот резултат – да нема бездомни кучиња. Исто така, со планско работење се штедат ресурсите на општината (човечки, инфраструктурни и финансиски). За недонесување на програма, од страна на инспекциските служби на АХВ општините може да бидат парично казнети – децидни се од Агенцијата за храна и ветеринарство.

И од ЈП „Лајка“ и од АХВ тврдат дека постојано се вршат инспекциски надзори околу начинот на работењето на претпријатието. Покрај контролите предвидени со Годишниот план, инспекциските служби на Агенцијата вршат контроли и по поднесени претставки од граѓани кои се однесуваат на работењето на прифатилиштето за бездомни животни ЈП „Лајка“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот