Лајчак, загрижен за ситуацијата на Косово, повика на итно смирување на тензиите

Мирослав Лајчак / Фото: EPA-EFE/RICCARDO ANTIMIANI

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак изрази загриженост за ситуацијата во северно Косово и повика на итна смиреност, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ги известив шефовите на мисиите на ЕУ за ситуацијата на северот на Косово. Загрижен сум и повикувам на итна смиреност, напиша Лајчак на Твитер.

Тој нагласи дека „важно е да се намалат тензиите, повторно да се воспостави мирна атмосфера и да се дозволи слобода на движењето”.

-Подготвени сме да ги олесниме разговорите за сите отворени прашања во дијалогот, кажа Лајчак.

Тој од вчера е во дводневна посета на Белград и разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Специјалните сили на косовската полиција, РОСУ, вчера ги распоредија своите припадници на премините Јариње и Брњак со цел да ја спроведат одлуката за регистарските таблички со ознаки од Р.Србија и северот на Косово. Косовската полиција соопшти дека табличките на возилата со ознаки од северот на Косово ќе бидат одземени, додека возилата со таблички со ознаки од Р.Србија мора да земат пробни ознаки и да платат осигурување, за што властите во Приштина претходно ја известија српската полиција.

По седницата на Советот за национална безбедност на Србија, на која се разговараше за ситуацијата во Косово, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија бара повлекување на трупите на косовската полиција од северот на Косово.

На премините Јариње и Брњак како што пишува КоССев е мирно, патиштата се уште се блокирани и нема патнички сообраќај освен пешачкиот премин. На преминот Мердаре создадена е гужва за пробните РКС таблички

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот