Лајчак и Ескобар следната недела во Белград и Приштина

Ескобар и Лајчак во Белград/Фото: Скриншот/Танјуг

Специјалните претставници на ЕУ и САД за Западен Балкан, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, на почетокот на следната недела ќе ги посетат Приштина и Белград, јави Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.

Лајчак, специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, и Ескобар, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, ќе бидат во посета во понеделник и вторник.

Изворите наведуваат дека нивната посета ќе има две цели, од кои првата е да се најде решение за излез од актуелната ситуација која се заканува да го загрози сето она што ЕУ го смета за успешно во дијалогот. Тоа значи дека фокусот првенствено ќе биде ставен на намалување на тензиите и на активности врз основа на она што беше предложено вчера во Молдавија.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека има „три јасни барања“ за Косово и Србија – избори на северот на Косово, обезбедување учество на косовските Срби во изборниот процес и почеток на работа на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство во рамките на дијалогот под покровителство на ЕУ.

Лидерите на Германија и Франција, Олаф Шолц и Емануел Макрон, вчера во Молдавија, на маргините на самитот на европската политичка заедница, побараа и од претседателите на Косово и Србија, Александар Вучиќ и Вјоса Османи, да се одржат нови локални избори во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово , со учество на Срби.

Друга цел на Лајчак и Ескобар ќе биде да продолжат да работат на низата чекори за спроведување на Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија, постигнат во Брисел на 27 февруари и неговиот анекс за имплементација, за кој лидерите на двете страни се договорија на 18 март во Охрид.

Европската унија постигнувањето на тој Договор го оцени како „премин од фазата на кризно управување во фазата на нормализација“, но ЕУ сега повторно е насочена кон управување со кризи, поради ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово во последните денови.

Западот во голема мера ги обвини властите во Приштина за ескалацијата на северот на Косово, бидејќи инсистираат новоизбраните албански градоначалници да влезат во зградите на локалната самоуправа на северот на Косово, на што се спротивставија локалните Срби кои масовно ги бојкотираа изборите на 23 април.

Дипломатите во ЕУ наведуваат дека мора да се погрижи неодамнешните тензии на северот на Косово да не го загрозат постигнатиот договор и повикуваат на итно и безусловно намалување на тензиите и страните да се вратат на дијалогот и процесот на нормализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот