Во Србија во пресрет на денешната седница на Кризниот штаб на која се очекува носење на поригорозни мерки поради големото ширење на епидемијата со ковид-19, во медиумите се разви дебата за тоа колку се ефикасни вакцините во постигнувањето на колективниот имунитет на населението, јави дописникот на МИА од Белград.
Директор на Центарот за анестезиологија на КЦС и координатор на сите болници во Србија, Небојша Лаѓевиќ посочи дека во болниците нема лица кои ја примиле втората доза од вакцината против ковид-19.
Лаѓевиќ за РТС посочи дека во ковид болниците во Србија сега има сè повеќе помлади пациенти и дека лекарите и сите здравствени работници се под голем притисок.
Тој наведе дека во болниците има пациенти кои ја примиле првата доза на вакцина, бидејќи очигледно сè уште не се развиле антитела, а од друга страна, нема пациенти кои ја примиле втората доза на вакцината.
– Сите пациенти мора да бидат внимателни по првата и втората доза, особено на кинеската вакцина. Триесет дена по втората доза на кинеската вакцина е оптимален рок кога се стекнува прилично високо ниво на антитела, истакна Лаѓевиќ.