Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика стана член на СЗО и ГИСРС

Министерство за Здравство/ Фото Архива на Слободен печат

Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје стана рамноправен член на Светската здравствена организација и Глобалниот систем за надзор и одговор на грип (ГИСРС).

Од Министерството за здравство попладнево информираа дека лабораторијата во целост ги исполнила барањата на СЗО и оти станува збор за многу важно признание за македонското јавно здравство.

Тоа, како што посочуваат од Министерството за здравство, значи дека пациентите и здравствените работници можат да бидат сигурни во дијагностиката и резултатите што ги добиваат од Институтот за јавно здравје. Оваа лабораторија активно е вклучена во предвидувањето на соевите на инфлуенца на грип кои ќе циркулираат во Северна Македонија и во Европа и во одредувањето на соевите кои ќе бидат вклучени во создавањето на вакцината на грип за следната сезона. Со тоа, нашата земја директно се вклучува во превенцијата на грипот.

– Во периодот од 27 до 29 мај оваа година, на барање на министерот за здравство Венко Филипче, во Институтот за јавно здравје, СЗО спроведе мисија за проценка на Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика со цел да се проверат и верифицираат нејзините квалитети за да стане формален член на СЗО и Глобалниот систем за надзор и одговор на грип и глобалната мрежа на СЗО признаени национални центри за грип, се вели во соопштението.

Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика е формирана во 1960 година и функционира како референтна лабораторија во земјава за детекција на вирусни заболувања, вклучувајќи грип, морбили и рубеола, арбовируси, вируси на хеморагични трески и други.

Светската здравствена организација утврди дека лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје има соодветни капацитети за спроведување на софистицирана лабораториска дијагностика. Таа е способна да се справи и да ги изолира сите сезонски хумани вируси на грип како и анималните типови на грип, се наведува во соопштението од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот