Ла лига ја осиромашува Барса, која нема пари да го плати Меси

Фото: EPA-EFE/Rodrigo Jimenez

Паралелно со „бомбата“ дека творецот на модерна Барселона не останува во клубот поради долговите се бие битката на Каталонците и Реал Мадрид кои се против тоа приватна фирма да стане сопственик на маркетиншките и ТВ-правата на шпанското елитно првенство.

Лионел Меси, творецот на модерна Барселона, заминува од клубот во кој мина повеќе од една деценија и со кој освои сите можни трофеи. Клубот официјално објави дека не успеал да се договори со својот најдобар играч во четвртокот и биле принудени да се разделат. Барселона додаде дека двете страни „длабоко жалат“ за разделбата.

– И покрај тоа што ФК Барселона и Лионел Меси постигнаа договор и јасна намера на двете страни да потпишат нов договор денес, тоа не може да се случи поради финансиски и структурни пречки (регулатива на шпанската Лига). Како резултат на оваа ситуација, Меси нема да остане во Барселона – соопшти клубот.

Заминувањето на Меси доаѓа во момент кога Барселона и ривалот Реал Мадрид се во кавга со шпанската „Ла Лига“ околу планот Лигата да соработува со ЦВЦ Капитал партнерс, приватна фирма која планира да инвестира 2,7 милијарди евра во шпанското елитно првенство, што треба да го одобрат клубовите од лигата.

ВИДЕО: За сите времиња – мајсториите на неповторливиот, фудбалскиот „магионичар“ Лео Меси

Од друга страна, каталонскиот гигант е принуден на ваков чекор поради долговите. Меси, помеѓу 2017 и 2021 година, според податоците од неговиот договор, објавен во шпанскиот весник Ел Мундо, заработил повеќе од 555 милиони евра.

Аргентинецот, кој конечно оствари успех и со репрезентацијата, освојувајќи ја последната Копа Америка, е најблиску до Пари Сен Жермен, според шпекулациите во повеќе медиуми.

– Големи загуби и долгови

Каталонскиот клуб има нето-загуба од речиси 100 милиони евра во сезоната 2019-20 поради пандемијата со коронавирус. Остварени се приходи од 855 милиони евра наместо планираната една милијарда евра, па вкупниот долг достигна една милијарда евра. Во јуни, клубот одобри рефинансирање на долгот од 525 милиони евра. Барса во изминатото првенство заврши на третото место, што е најлош резултат од 2008 година. Од 2015 година клубот ја нема освоено Лигата на шампионите.

ВИДЕО: За сите времиња – мајсториите на неповторливиот, фудбалскиот „магионичар“ Лео Меси

Одлуката за разделба дојде неколку дена откако Жоан Лапорта, претседателот на Барса, рече дека клубот „треба да се осигура“ дека Меси останува и дека процесот е „на добар пат“. Тој, исто така, повика на „поголема флексибилност“ од Ла Лига.

Меси уште минатата година најави дека сака да замине, но одлучи да остане за да избегне правен спор со клубот. Заминувањето на Меси дојде еден ден откако Ла Лига постигна договор ЦВЦ да откупи малцински пакет акции за 2,7 милијарди евра. Фирмата ќе располагата со правата за емитување ТВ-преноси, за спонзорство и други маркетиншки права.

Бaрселона и Реал Мадрид, кои беа во спор со Ла Лига околу плановите за отцепување во европската Суперлига, би добиле по околу 260 милиони евра од договорот со ЦВЦ. На трансакцијата делумно се гледаше како начин да се придобие поддршката од Барселона, која беше финансиски ограничена од правилата на Ла Лига да ангажира скапи играчи или да ги обновува договорите со тие што се во клубот.

ВИДЕО: За сите времиња – мајсториите на неповторливиот, фудбалскиот „магионичар“ Лео Меси

– Нелегален договор?

Реал Мадрид договорот за ЦВЦ го смета за нелегален, обвинувајќи ја шпанската лига дека преговара без знаење на клубот. Барселона му се придружи на Реал во осудата на планираното партнерство на Ла Лига со оваа фирма.

– ФК Барселона смета дека е несоодветно да се потпише договор за половина век со оглед на неизвесностите што секогаш го опкружуваат фудбалскиот свет – соопшти клубот кој смета дека е оштетен во однос на ТВ-правата.

– ФК Барселона сака да го изрази своето изненадување од договорот потпишан од Ла Лига, во кој мислењата на тимовите, вклучувајќи ги и оние на ФК Барселона, не беа земени предвид – е изјавата на каталонскиот гигант.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот