Квалификациите не се завршени, а веќе мислиме на Косово!

фото/фејсбук/ффм

Македонската А репрезентација е поразена од Полска со 2:0 на квалификацискиот натпревар за ЕУРО 2020 година во Варшава.

После поразот и на Словенија во Љубљана од Австрија, драстично ни се намалени шансите за второто место во квалификациската група „Г“ кое води на континенталниот собир.

Секако нема да се исклучат и математичките шанси за второто место, потребни ни се две победи над Австрија во Виена и против Израел дома, а исто така Летонија да триумфираат пред своите навивачи против Австријците.

Звучи како „невозможна“ мисија, иако во фудбалот се случувале пресврти. На Австријците им е потребен само уште еден бод, а Летонците ги играат едни од најслабите квалификации во својата историја. Доколку не успееме во целта, добро ќе биде за нас да завршиме и на третата позиција каде што никогаш не сме биде досега во еден квалификациски циклус.

ffm.mk

Да не заборавиме дека постои уште една подобра опција за историски пласман на Европското првенство, а тоа е патот преку новото УЕФА натпреварување „Лигата на нации“.

Таму го освоивме првото место во групата 4 од Лигата „Д“, и после поразот од Полска, полека мислите се насочени кон тој плеј-оф и можниот полуфинален дуел со Косово на домашен терен на 26 март 2020 година. Велиме можниот, бидејќи Косово и натаму ги одржува шансите за учество на ЕП преку квалификациите.

Нема формат дома-гости, ќе се игра еден натпревар, а во второто полуфинале каде што е веќе Грузија би требало да ги одмери силите против Белорусија.

Победниците од тие мечеви ќе играат во финалето кое се најавува да биде одиграно на неутрален терен, закажано за 31 март 2020 година. Подобриот од таа завршна битка официјално ќе си обезбеди настап на наредниот континентален собир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот