Квалификации за ЕП: Македонија убедливо поразена од Данска во Алборг

Фото: EPA-EFE/Henning Bagger

Денеска најдобрата македонска репрезентација го претрпе првиот пораз во квалификациите за Европското првенство 2022 година откако во Алборг загуби од актуелниот светски шампион Данска со 37:21 (17:10).

Нашата подмладена селекција настапи без Кирил Лазаров кој ја имаше само улогата како селектор, како и Филип Миркуловски, еден од помошниците во стручниот штаб, а недостасуваше и Стојанче Стоилов поради повреда.

После големата победа во четвртокот во Скопје овојпат сликата на теренот беше многу поинаква, Данците воглавно доминираа, а важен придонес во нивниот триумф имаше и голманот Мелер чија мрежа тешко се тресеше.

Во првите скоро 15 минути игра водевме рамноправна борба, иако ниту еднаш на средбата не поведовме, двапати израмнивме на 3:3 и 4:4, па се одржуваше негатива од еден-два голови разлика, а при резултат 7:6 противникот направи серија од 5:0 (Македонија осум минути без погодок) што беше клучно за понатамошниот период од дуелот, а потоа постепено играчите на Николај Јакобсен само ја зголемуваа позитивата.

Шанса за настап добија сите ракометари, Аларов како пивот, левото крило Цветаноски со еден погодок, искуство вкусија бековите Ѓорѓиев, Ѓорговски и Младеновиќ, овој последниот имаше еден гол, како и десното крило Костески.

Кај Данците најрасположен за голови беше Гидсел кој запиша седум, а на спротивната страна Кузмановски имаше пет погодоци.

Во рамките од четвртото квалификациско коло Швајцарија по вторпат ја совлада Финска овојпат со 32:30 и ги одржа шансите за учество на ЕП. Во квалификациската група „7“ водат Данска и Македонија со по шест, Швајцарија има четири, а отпишаните Финци немаат ниту еден бод.

На последните два меча во април и мај на гости кај Финска и дома со Швајцарците се очекува составот на Лазаров да стави потврда на новиот настап на континенталните собири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот