Кузмановски: Ќе бидеме подготвени за првиот меч на ЕП против Словенија

Филип Кузмановски е среќен што репрезентацијата на Македонија тренира комплетно/Фото: EPA-EFE/MAURI RATILAINEN

Македонската ракометна сениорска репрезентација го започна вториот дел од подготовките пред настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка (13-30 јануари 2022 година).

Предводени од селекторот Кирил Лазаров уште на првиот ден од новата година продолжија со тренинзите, а во понеделник (3 јануари) и вторник (4 јануари) се закажани нови контролни мечеви, ривал ќе биде селекцијата на Израел.

Потсетување дека првиот дел од подготовките се реализираше во Маврово каде што нашите ракометари тестираа против Кувајт и двапати победија.

Денеска Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ја информираше јавноста дека играчите направија ковид тестирања и сите беа негативни.

Филип Кузмановски, кој треба да биде еден од носителите на играта на ЕП, играчот на Хановер-Бургдорф подоцна се приклучи, но со настапите во Бундеслигата докажа дека е во добра форма.

– Јас подоцна ѝ се приклучив на репрезентацијата, затоа што германското првенство (полусезона) заврши на 28 декември. Гледав максимално да ги искористам тие денови да бидам со репрезентацијата, знам дека се подготвуваме и тактички и со видеа, сакав да бидам присутен. Среќен сум од тоа што сите сме комплетни, можеме заедно сите да тренираме, да бидеме подготвени, ќе играме и два натпревари против Израел. Тренираме и мислам дека ќе бидеме спремни за првиот натпревар на ЕП против Словенија, тој ни е во мислите – вели Кузмановски.

Првиот натпревар на Македонија на Европското првенство ќе биде на 13 јануари во унгарскиот град Дебрецин со почеток од 18.00 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот