Кузманов: Виница живее за фудбалот, успесите на првата екипа носат нови моменти

После 10 кола виничани се првопласирани во Втората лига - Исток/Фото: facebook.com/Sloga10/ФК Слога 1934 Виница

Презадоволен сум од досегашните настапи на екипата, бидејќи релативно имаме доста млад состав од кој неколку играчи се првпат на второлигашката фудбалска сцена – вели тренерот ФК Слога Виница, Кузманов.

ФК Слога 1934 Виница игра одлично досегашниот дел од Втората лига – Исток каде што после 10 кола се наоѓа на првото место со 25 бодови, и со успешните резултати најавува дека има амбиции за влез во Првата лига.

На последниот меч играчите предводени од тренерот Никола Кузманов како гости на Игралиштето Могила го совладаа Братство 07 со резултат 0:1, стрелец на голот беше Ерион Шуку за четврти триумф во низа за виничани.

– Наидовме на фер и коректен прием од домаќините, со едно европско судење од Александар Василевски. Иако теренот беше доста лош, успеавме во првото полувреме да направиме три стопроцентни шанси, не искористивме ниту една. Во вториот дел имавме три убави шанси, искористивме само една, и тој гол беше пресуден. Задоволен од сум од пристапот и желбата на моите играчи. Теренот како што дозволуваше да се игра бидејќи беше доста нерамен, на крајот мораме да бидеме и задоволни од играта. Целата филозофија беше да не се прават индивидуални грешки бидејќи и еден потег можеше да го реши натпреварот – ни изјави Кузманов.

Тренерот на Слога Виница, Никола Кузманов/Фото: facebook/ФК Слога 1934 Виница

Стратегот на клубот верува дека има простор за напредок во следните мечеви…

– Презадоволен сум од досегашните настапи на екипата, бидејќи релативно имаме доста млад состав од кој неколку играчи се првпат на второлигашката фудбалска сцена. До крајот на годинава ни остануваат уште пет натпревари, очекувам во следниот период да го стабилизираме делот на играта во кој што би создавале повеќе шанси во текот на натпреварите и се надевам дека до крајот на полусезоната ќе освоиме уште 10 бодови со кои би биле задоволни за да бидеме првопласирани на табелата – вели Кузманов.

По завршувањето на репрезентативните обврски, ФК Слога Виница следниот меч сезонава во 2МФЛ – Исток ќе го има на гостински терен на 20 ноември против Осогово.

Атмосферата во градот Виница годинава е фудбалска/Фото: facebook.com/Sloga10

– Успехот на првата екипа сигурно си носи и некои нови моменти во самиот град Виница, а секако и желбата кај помладите играчи, генерациите 2006, 2007, 2008, 2009 кои се во младите категории на фудбалскиот клуб. Сигурно тоа ќе им биде еден патоказ во нивниот развој, се надевам дека градот живее моментно за фудбалот, бидејќи навистина атмосферата е фудбалска, со помошта и поддршката која ни ја даваат сите симпатизери, навивачи, љубители на спортот. Надежите се дека во следниот период и во 2022 година, Виница може да прерасне во еден центар од кој што ќе излегуваат нови млади таленти, а воедно се надеваме и на подобрување на инфраструктурата – се зборовите на Кузманов.

Сезона 2021/2022

Втора лига – Исток

10. коло, резултати: Братство 07 – Слога Виница 0:1, Кит Го Пехчево – Победа 1:1, Саса – Осогово 2:0, Беласица – Детонит Јуниор 4:1, Кожуф Гевгелија – Локомотива Градско 3:0.

Табела: Слога Виница 25 бодови, Победа 23, Саса 20, Беласица 17, Кит Го Пехчево 16, Кожуф 12, Осогово 11, Детонит Јуниор 10, Локомотива Градско 4, Братство 07 4.

Втора лига – Запад

10. коло, резултати: Силекс – Кадино Скопје 7:0, Воска Спорт – Гостивар 0:1, Вардар – Кораб 1:0, Велешта – Тетекс 2:1, Беса 1976 – Охрид 0:2.

Табела: Силекс 28 бодови, Воска Спорт 21. Вардар 20, Кораб 14, Гостивар 12, Велешта 12, Тетекс 11, Беса 1976 9, Охрид 7, Кадино Скопје 6.

Видео на денот