Кузеска: Пецаков треба да одговара за непочитување на здравствените протоколи и свесно ширење зараза

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска / Фото: МИА

СДСМ бараат охридскиот градоначалник Кирил Пецаков да одговара за непочитување на здравствените протоколи и свесно ширење на зараза. Партијата го оцена однесувањето на градоначалникот како скандалозно и крајно неодговорно.

Наместо во изолација како што му било одредено, додека го очекувал резултатот од тестот за Ковид 19, градоначалникот на Охрид се појави помеѓу охриѓани за Водици и ги стави во опасност сите присутни. Без маска и без никакво почитување на протоколите, Пецаков се ракуваше со граѓани, сопартијци и амбасадори. Ова не е само непочитување на одредбите и законите, ова скандалозно однесување на Пецаков е непочитување на граѓаните, на охриѓани, но и непочитување на лекарите и медицинските лица, истакна на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ Богдана Кузеска.

Таа посочи дека Пецаков на прославата за Водици во Охрид бил заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Зошто Мицкоски молчи за ова скандалозно однесување на Пецаков? Ќе го повика ли на одговорност или ќе го штити? Или Христијан Мицкоски нема образ за ова затоа што и тој среде пандемијата шеташе по кафеани? – рече Кузеска и уште еднаш потенцираше дека Пецаков не требало да бара изговори туку да одговара.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, при тестирање за патување во странство добил позитивен резултат на Ковид 19, по завршувањето на богојавленските свечености во Охрид. Веднаш потоа тој направил уште еден PCR тест во истата установа, Центар за јавно здравје – Охрид, кој бил негативен. Пецаков на својот фејсбук-профил појасна дека не чувствува никакви симптоми, а дека ПЦР тестирањето го направил заради потреба од патување во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот