Курти: Западот треба да се загрижи поради договорот меѓу Белград и Москва

Курти и Вучиќ/ Фото ЕПА

Косовскиот премиер Албин Курти порача дека блискоста на режимот на српскиот претседател Александар Вучиќ со оној на рускиот лидер Владимир Путин, „треба да ги алармира западните демократски центри“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коментарот на Курти уследи по информацијата дека шефовите на дипломатиите на Србија и Русија, Никола Сељаковиќ и Сергеј Лавров, на маргините на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржа неделава, потпишале договор за координирање двете држави на планот на надворешната политика.

Коментирајќи ја изјавата на Вучиќ дадена денеска во Вашингтон дека Косово бара да се снабди со артилерија со дострел од над 10 километри, Курти рече дека, за разлика од Србија, која ја води „еден претседател на застрашувања и закани“, Косово има „власт која е демократска, прогресивна и надежна“.

„Со прашањата на одбраната и безбедноста на Косово, ние имаме министер за одбрана и министер за внатрешни работи, но ние сме власт која е демократска, прогресивна и надежна додека се соочуваме со северните соседи, кои ги води еден претседател на застрашувања и закани, кој освен што владее на недемократски начин и не ги признава злосторствата на режимот на (Слободан) Милошевиќ во Косово, исто така одржува тесни врски со Руската Федерација, што го видовме од договорот на министрите за надворешни работи и што треба да ги алармира западните демократски центри“, изјави Курти по неговата денешна средба со косовските градоначалници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот