Курти загрижен за демократијата во српските средини во Косово

Албин Курти
Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот премиер, Албин Курти го прими денеска специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации за Косово, шефот на УНМИК, Захир Танин, кој го информирал за содржината на извештајот што мисијата ќе го претстави на наредната седница на Советот за безебедност на ООН, што ќе се одржи в петок, на 15 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението од кабинетот на Курти, извештајот, кој Танин го презентирал во кратки црти, „се фокусира на реформите на Владата, владеењето на правото, безбедносни прашања, како и на состојбата со пандемијата и справувањето со неа”.

Косовскиот премиер пред шефот на УНМИК изразил загриженост за нивото на демократија во општините со мнозинско српско население во Косово, посебно на прагот на локалните избори, кои ќе се одржат в недела, на 17 октомври.

– Премиерот Курти (…) нагласи дека е значајно да имаме слободни и демократски избори, на кои секој граѓанин на Републиката ќе гласа врз основа на личните убедувања и нема да биде изложен на притисоци и застрашувања. Истакнувајќи ја институционалната стабилност во земјата и фактот дека граѓаните од сите заедници во Косово се заинтересирани за работа и правда, добросостојба и еднаквост, премиерот ја нагласи неопходноста од осуда на обидите на криминалните структури и нападите врз центрите за регистрација на возила во општините Зубин Поток и Звечане, се вели во соопштението.

И на овие, како и на неколкуте последни избори во земјата, косовските власти и јавноста ги осудуваат отворените повици од официјален Белград до граѓаните од српска националност во Косово да гласаат за кандидатите на партијата Српска листа.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот