Курти во Брисел побара признавање на независноста од пет земји-членки на ЕУ

Албин Курти / Фото: ЕПА

Премиерот на Косово, Албин Курти, денеска во Брисел побара признавање на независноста на Косово од петте земји на Европската унија, пренесе порталот Коха.

По заедничката вечера организирана од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во Брисел за лидерите на Западен Балкан, Курти рече дека признавањето на Косово од земјите што до сега не го сториле тоа ќе ја одведе земјата кон европска интеграција.

„Го потврдивме нашиот интерес и подготвеност да се придвижиме кон ЕУ и истовремено разговаравме со пријателите и колегите овде во Брисел за тоа како да ни помогнеме да ги спроведуваме реформите во нашите земји, а од друга страна да убедиме пет земји-членки да ја признаат независноста на Косово,“ тој рече.

Курти ја повтори потребата за визна либерализација за косовските граѓани и истакна дека тоа е единствената земја во Европа чијашто младина е изолирана.

Тој рече дека Косово е земја со многу талентирани млади луѓе кои гледаат на ЕУ како можност да студираат и да работат таму, а потоа да се вратат и да придонесат за својата земја.

„Потребна ни е визна либерализација. Ние сме единствената земја во Европа што нема визна либерализација, што е најголема пречка за талентирани млади луѓе во Косово да студираат и да создаваат бизнис. Просечната возраст на Косово е 30 години и со толку талентирана младина толку е штетно да се има ѕид на изолација“, рече Курти.

Косовскиот премиер додаде дека е заинтересиран за повеќе инвестиции со цел да се вработат повеќе млади луѓе кои, како што рече, се повеќе се „принудени да мигрираат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот