Курти и неговата партија „пуштаат корен“ и кај македонските Албанци

Албин Курти/ Фото EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Албин Курти и Движењето „Самоопределување“, кое забележа спектакуларна победа на изборите на 14 февруари во Косово, има сѐ повеќе приврзаници и поддржувачи во Македонија, така што не е исклучено ова движење да настапи и на македонската политичка сцена, како што реши да учествува со тројца свои кандидати на следните парламентарни избори во Албанија, во април годинава.

Универзитетскиот професор Башким Селмани вели дека спектакуларната победа на Движењето „Самоопределување“ на Косово нема да има влијание на политичката сцена во Македонија.

– Нема да има значајно влијание, освен привремена и емотивна еуфорија. Македонија и Албанците имаат институционални, а не политички проблеми. Колку побрзо се договорат за функционални институции, толку побрзо ќе излеземе од сиромаштијата, криминалот и корупцијата – вели Селмани за „Слободен печат“.

Според неофицијални информации, се проценува дека партијата на Албин Курти во моментов има околу 10 до 11 илјади приврзаници, државјани на Македонија, кои во секој изборен циклус во Македонија гласаат според „директиви“ добиени од седиштето на Курти во Приштина, додека во Косово во секој изборен процес одат како волонтери за да ѝ помогнат на својата „омилена“ партија во битките за победа.

– Албанската опозиција во Македонија има одлична соработка со Движењето „Самоопределување“ и си помогнаа едни на други со своето присуство во неколку изборни циклуси. Без оглед на формата во која ќе делува Движењето „Самоопределување“ во Македонија, соработката со албанската опозиција ќе продолжи. Иако постојат идеолошки разлики меѓу нив, она што ги обединува е благосостојбата на Албанците и некои многу негативни појави како што е корупцијата и слично – вели поранешниот пратеник во македонскиот парламент Зуди Џелили.

Во однос на Македонија, Владата на Курти не се очекува да го смени политичкиот курс, бидејќи Приштина има политички и економски интереси да има добри односи со Скопје. Меѓу главните приоритети на партијата на Курти во однос на Македонија е трансферот на косовски осуденици во случајот „Диво Насеље“. За оваа цел, дури и за време на 50-дневното владеење на Курти во 2020 година, беше разговарано на неговата средба со премиерот Зоран Заев, а за истата тема имало состаноци меѓу министрите за правда на двете земји.

Движењето „Самоопределување“ предводено од Курти на изборите на 14 февруари во Косово оствари спектакуларна победа, со близу 50 проценти од освоените гласови на граѓаните, или 56 до 58 пратенички места во косовското Собрание. Во меѓувреме, на парламентарните избори во април во Албанија, партијата на Курти ќе учествува со тројца кандидати, Бојкен Абази во Тирана, Крешник Мерџани во регионот Ѓирокастра и Илијаз Шеху во регионот Лежа. Во Македонија, на предвремените парламентарни избори од 15 јули 2020 година, Албин Курти и други истакнати имиња на неговата партија отворено и директно учествуваа во изборната кампања на партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците (АА).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот