Курти го откажа учеството на Преспа форумот за да се сретне со ветераните на ОВК кои протестираат

Албин Курти
Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека го откажува учеството на Преспа форумот 2022 во Охрид, со цел да се сретне со претставници на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ ОВК), кои протестираат против законот за минимална плата што е влезен во собраниска процедура, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното обраќање пред пратениците, Курти изјави дека утре, заедно со министерот за финансии, Хекуран Мурати и претседателот на собраниската Комисија за буџет и финансии, Арменд Муја, ќе разговара со претставниците на ОВВ ОВК, кои протестираат со барање ветераните да бидат опфатени во законот за минимална плата кој го предлага Владата и кој пред неколку дена доби начелна согласност од мнозинството пратеници од владејачките партии.

„Она што го предлагам денеска е да го откажам учеството на Преспа форумот утре и да ги примам на средба, заедно со министерот за финансии и со претседателот на Комисијата за буџет и финансии водачите на ветераните, да ги ислушам и да дискутирааме за сите прашања. Тие се претставници на протестот, а не опозициските пратеници. Јас сум заинтересиран да ги сретнам нив директно, бидејќи нема сомнение дека сум за правото на протест и сум за дијалог и тогаш кога не се согласуваме. Нема да заминам утре за Преспа“, изјави Курти.

Тој побара од опозицијата, која ја блокира собраниската говорница и не дозволува седницата да продолжи додека не се прифатат барањата на ветераните, да овозможи продолжување на работата на Собранието, затоа што, како што рече, има многу други значајни точки кои треба да се усвојат.

Пред почетокот на денешната седница припадници на ОВВ ОВК се собраа на протест пред Собранието, па дури и, по краток судир со полициските сили, но без посериозни инциденти, влегоа во неговиот двор, каде што им се придружија пратениците на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК).

Протестот на воените ветерани пред Собранието продолжува и попладнево, а главно барање им е владиниот предлог за минимална плата во државата целосно да се симне од дневен ред.

Собранискиот спикер, Глаук Коњуфца попладнево по вторпат прогласи пауза без седницата воопшто да почне и сѐ уште е неизвесно дали таа во текот на денот воопшто ќе продолжи, затоа што ПДК и другите опозициски пратеници бараат Курти денеска да се сретне со ветераните и да ги прифати нивните барања.

Во Охрид утре ќе се одржи годинешниот Преспа форум, чија тема е „Градењето на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедносна архитектура“.

Своето присуство на Форумот го најавија голем број претставници од регионот и претставници на европски институции, невладини организации, академската заедница, меѓународни организации и други.

Извор: МИА

Видео на денот