Курти: Го користат штрајкот во косовското образование како оружје против мене

Албин Курти
Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот премиер Албин Курти вели дека штрајкот во косовското образование, организиран од Обединетиот синдикат за образование, наука и култура на Косово (СБАШК), се користи од опозицијата лично против него како премиер.

Во денешното обраќање на седницата на Собранието на Косово, на која се расправа за штрајкот во образовните и други јавни институции, поради кој сé уште не е започната новата учебна година во речиси сите основни и средни училишта во земјата, Курти рече дека од говорите на пратениците на опозициски партии може јасно да се види дека тие не се за подобрување на состојбата на наставниот кадар, туку за уривање на премиерот.

– Во суштината на сево ова е хроничното неприфаќање на резултатите (од последните парламентарни избори) од 14 февруари минатата година. Тоа е проблем, но јас немам што да правам, народот гласаше. Овие ги мачи тоа што јас сум премиер, а не тоа што учениците не одат на училиште. Тоа е главната мака, штрајкот се користи како оружје против премиерот, изјави Курти.

Тој забележа и дека Унијата на независни синдикати на Косово (БСПК) го најави штрајкот на 17 август, односно во моментот кога тој отпатува за Брисел, на средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

– На 17 август беше најавен генерален штрајк додека јас отпатував за Брисел тој ден за утредента пет часа да разговарам со српскиот претседател. На 17-ти главна вест во Косово беше започнувањето на штрајкот. Значи, го имате премиерот кој преговара со нашиот северен агресивен и злонамерен сосед, во момент кога дома е најавен масовен штрајк на БСПК, рече Курти.

Образовниот и другите синдикати од јавниот сектор на 25 август започнаа штрајк, со барање за додаток од 100 евра на платите на вработените, до донесување на новиот закон за плати. Курти и владата упорно одбиваат да го исполнат тоа барање и наместо тоа донесоа социјален пакет, со кој, меѓу другото, на вработените во јавниот сектор ќе им биде исплаќан додаток од 50 евра во наредните три месеци. Меѓутоа, СБАШК не отстапува од своите барања, така што училиштата и натаму остануваат затворени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот