Курти е двор ти е

Фото: Слободен печат

Има народи што сопствената држава ја сонуваат со векови, а има и такви што по вековната тенденција на сонување на еден ист сон, успеваат на крајот и да се изборат за самостојност.

Се разбира дека најдобар пример за тоа е македонскиот народ, кој поради мошне специфични историски околности останува меѓународно непризнат и по Првата светска војна. Поради други специфични околности, Македонецот признанието го добива по Втората светска војна, кога во меѓународните односи на голема врата влегува американската доктрина за самоопределување, што ќе биде главен двигател на светската политика до пред само неколку години.

Специфични беа односите и на крајот од 90-тите години од минатиот век, кога македонската држава се здоби со меѓународно признание. Македонскиот народ конечно го дочека моментот самиот да ја крои својата судбина. Повеќе да не зачистува на туѓи дворови, да не испраќа свои чеда во странски војски, да има свои репрезентации и сопствена надворешна политика. И да, 28 години подоцна може да констатираме дека поради наши интерни специфични околности, илјадагодишниот сон за самостојност се претвори во кошмар.

Македонецот од сопствениот двор направи депонија, полна со пластика, ѓубре, отпад од градежен материјал, ПМ честички, низ која течат загадени реки кои потоа се вливаат во езера со ендемски растенија и животни. За војската веројатно не треба да се трошат зборови, бидејќи во последните години е сведена на ниво на невладина организација, а истото важи и за нашите спортски репрезентации.

За политичарите кои ја креираат надворешната и внатрешната политика исто така не вреди многу да се коментира, освен можеби да се додаде дека само тие ја сонувале денешната држава, скроена по нивни терк.

Сличен пример на нашиот може да се пронајде и во соседството. Во неделата третата опција победи на предвремените парламентарни избори во Косово. „Самоопределување“ на Албин Курти освои најголем број од гласовите и во моментов е единствениот кандидат за премиерската функција.

Курти успеа да ги нокаутира партиите на командантите на УЧК Рамуш Харадинај и Хашим Тачи, кои со години се косовските пандани на ВМРО и СДСМ. Но, тоа што е најинтересно, Курти победи на избори со излезност од 44 проценти од вкупната бројка на гласачи, а победата ѝ ја должи најмногу на поддршката добиена од гласачите од странство.

Косово својата независност, пак, ѝ ја должи на командантите на УЧК и на оние од НАТО, кои во годините на самостојност се погрижија стотици илјади свои сограѓани да преселат во странство, од каде по некој гледаме се сетил да ја казни нивната погубна политика.

Иако е 21. век во светот сè уште има народи кои ја сонуваат сопствената држава. Курди, Каталонци, Баскијци, а иницијатива за самостојност има дури и во Калифорнија. Ние како искусни паталци можеби треба да организараме курсеви, па да патуваме во овие земји и да има кажеме дека не е секогаш лошо да се чисти на туѓи дворови, бидејќи ништо не замирисува на лошо како сопственото ѓубре. „Курти е двор ти е“ би можела да се вика кампањата, во која би членувале освестени суверенисти, кои би работеле бесплатно, а како награда би добиле иселенечки визи во местата на кои ќе проповедаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот