
Курти: Доколку Србија не биде казнета, ќе го повтори делото
Косовското собрание се согласи да подготви резолуција за осуда на нападите врз косовската полиција во селото Бањска во северно Косово.
Препорачано
Во судирите меѓу полицијата и вооружената група во Бањска во општина Звечан загинаа еден полицаец и тројца напаѓачи од српска националност.
Седницата на Собранието на Косово на 28 септември започна со едноминутно молчење во чест на убиениот полицаец.

Косовскиот премиер Албин Курти го повика меѓународниот фактор да ја казни Србија за нападот во Бањска.
„Ако остане неказнета, Србија и раководството во Белград ќе го повторат делото“, порача Курти.
Курти побара и од државите партнери Косово да ги прогласат за терористи организациите „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“.
На 29 јуни, Владата на Косово ги прогласи за терористи овие две организации, за кои се верува дека дејствуваат на северот на Косово и дека имаат стотици членови од српската заедница.
„Неделата што ја оставивме зад нас откри напад кој беше организиран и насочен директно од Белград, со цел да се запали огнот на нов конфликт во Косово. Ниту еден од фактите не води до друг заклучок“,гласи изјавата дадена од косовското собрание во која се посочува на оружјето што косовската полиција го пронашла во делот каде се одвивашпе вооруѓената престрелка.

Косовските власти го сметаат нападот во Бањска за терористички и за тоа ја обвинуваат Србија, а Белград негира дека има некаква врска со нападот.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на Курти.

Групата што ја нападна косовската полиција, како што тврди официјална Приштина, била предводена од Милан Радоичиќ, потпретседателот на Српската листа, која има поддршка од Белград. Приштина овие тврдења ги темели на видео снимки снимени со дрон за време на конфликтот, кои ги објави министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, тврдејќи дека на нив се гледа Радоичиќ.

Српскиот претседател Вучиќ изјави дека Радоичиќ е во Србија и дека ќе биде сослушан.
„Тој секако ќе одговори на поканата на надлежните органи на Република Србија, убеден сум дека ќе биде сослушан… Република Србија и нејзините надлежни органи ќе си ја завршат работата“, изјави Вучиќ на синоќешното интервју дадено за државната Радио-телевизија на Србија.