Курти: Договорот за коалиција со Демократскиот сојуз е потребен за граѓаните

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори, смета дека договорот за заедничка влада со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), како второрангирана партија на изборите, е „можен и потребен”, јави дописникот на МИА од Приштина.

Говорејќи на денешната трибина на ВВ на тема „Општествен договор: Жените за развој”, Курти рече дека сигурно ќе ги продолжи средбите со лидерот на ЛДК Иса Мустафа, затоа што граѓаните очекуваат тие две партии да се договорат за идната влада.

– Сигурно дека ќе има средби, невозможно е да немаме средби. Договорот е можен, договорот е потребен, затоа што тоа им е потребно на граѓаните. Меѓутоа тоа не е вест. Кога ќе ги имаме конкретните резултати, кога ќе го имаме договорот со неговите составни елементи, што ќе се придодаде на хармонизираната програма, ќе имаме што да кажеме, изјави Курти.

Двете досега опозициски партии, ВВ и ЛДК, ги започнаа преговорите за формирање на новата влада веднаш по изборите на 6 октомври, на кои победи ВВ со 26,27 отсто, а втор беше ЛДК со 24,54 отсто освоени гласови.

До застој во преговорите меѓу нив дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Конститутивната седница на новото, седмо по ред, Собрание на Косово по војната во 1998-99 година, е закажана за идниот четврток, 26 декември, со почеток во 15 часот.

Со барања до партиите на Курти и Мустафа да не одолговлекуваат и да постигнат договор за формирање на идната влада истапија мисијата на Европската унија, како и неколку амбасади и претставници на САД и на земјите од Западна Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот