Курц одбива „солидарност“ за мигрантите: Европа требаше да извлече поука од 2015 годинa

Австрискиот канцелар Себастијан Курц си поднесе оставка/Фото: EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека распределбата на бегалците во земјите на ЕУ не успеа, и порача дека ЕУ не се само Германија и Франција и оти помалите членки мора да имаат право да ги искажат своите ставови и за тоа да бараат мнозинство.

Тој повика на подобра заштита на надворешната граница на ЕУ, како и поефикасна борба против шверцерите, но и заедничка помош на лице место.

– Распределбата ја одбија многу земји и тоа нема да функционира, нагласи Курц пред најавената презентација на предлогот за реформа на политиката за азил на Европската комисија.

Тој смета дека би било добро доколку Европската комисија се посвети на темата азил и миграција, бидејќи тоа може да се реши само со европски одговор.

Курц одбива да употребува изрази како што е „солидарност” во дебатата за миграцијата.

– Европа требаше да извлече поука од 2015 година и заеднички да се бори против илегалната миграција, подвлече тој.

Според него, Австрија даде огромен придонес во врска со прашањето за бегалците.

Тој потсети дека Австрија, по Шведска и Германија, е трета најпогодена земја во ЕУ кога станува збор за прием на бегалци, и оти во последните пет години примила 200.000 луѓе.

Курц истакна дека малите држави исто така треба да имаат можност да ги застапуваат своите интереси во ЕУ.

– ЕУ е повеќе од Германија и Франција, порача тој, додавајќи дека двете големи земји имаат одредено право на лидерство, но и дека другите земји-членки мора да имаат можност да ги презентираат своите идеи и да бараат мнозинство за тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот