Георг Георгиев како заменик министер за надворешни работи со министерката Екатерија Захариева/Фото: Фејсбук

Кумашинот на Бојко Борисов нов шеф на бугарската дипломатија

Пратеникот од Перник од ГЕРБ, 33-годишниот Георг Георгиев, е новиот министер за надворешни работи на Бугарија. Младиот шеф на дипломатијата политичката кариера ја започна пред 10 години како лидер на младинската организација на ГЕРБ и по тоа е попознат отколку по именување за заменик министер за надворешни работи на свои 25 години без никакво искуство во ресорот.

Георгиев во владите на Борисов бил заменик министер за надворешни работи од ноември 2014 до јануари 2017 година кога е поставен за заменик на тогашната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во третата влада на Бојко Борисов – без никаков стаж, специјализација или искуство. Тој ја извршува таа функција до крајот на мандатот на владата во 2021 година.

Единственото јавно познато меѓународно искуство на Георгиев во тоа време беше дека тој беше помошник на бугарски европратеници од ГЕРБ. Ова е време кога односите со Република Северна Македонија нагло се влошија.

Во април 2019 година како заменик министер за надворешни работи Георгиев ја отвори петтата средба на Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во резиденцијата Бојана.

„Многу сме среќни и задоволни што успеавме да постигнеме договор за важни теми во однос на заедничкото одбележување на празниците на Св. Св Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Св. Наум и на цар Самуил. Тоа е своевиден успех на теми кои до скоро одбележуваа поделба, а сега веќе наоѓаме заеднички пат, кој не не разединува“, рече тогаш заменик-министерот Георгиев.

Георгиев во истата прилика истакна дека во рамките на постигнатите договори кои се однесуваат на теми како што се образованието и културата се постигнати добри реализирани резултати, кои од своја страна би придонеле за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р. Бугарија и Р. Северна Македонија.

„Би сакал да нагласам дека главен фокус на работата на оваа комисија е нашата заедничка историја. Овде не зборуваме за ‘споделена‘ историја, бидејќи ние споделуваме историја со нашите соседи и со земјите од целиот свет. Заедничката историја е тоа што не обединува и тоа што го бараме како основа за соработка и пријателство меѓу нашите земји“, додаде тој.

Георгиев во април минатата година бурно реагираше на изјавата на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски кој зборувајќи за пречекот на македонската претседателка Гордана Сиљановса Давкова кај бугарскиот претседател Румен Радев без македонско државно знаме, рече дека „очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги“.

„Уште една груба провокација од официјално Скопје е факт. Добро го познавам нејзиниот автор, поточно поранешниот пратеник и актуелен министер Александар Николоски. Имав можност да ја запознаам истата личност од ПССЕ, таа никогаш не се одликувала со особена политичка острина. Меѓутоа, проблемот е што луѓето со сличен менталитет се оставени од владата на РСМ да бидат експоненти на позиции кои во крајна линија се штетни за европската иднина на поранешната југословенска република. Со други зборови, секоја земја ја избира својата иднина. Истото важи и за нашите западни соседи, на кои нашите братски чувства, за жал, овојпат нема да им помогнат. Брисел останува премногу далечна и очигледно недостижна химера за Скопје, кое сè уште не ја сфаќа смислата на европскиот проект. Ова е премногу лошо, се разбира. Уверен сум дека, очигледно од десетиците илјади граѓани на РСМ, носители на бугарски пасоши по роднински врски во нашата земја, би сакале повторно да нема граници меѓу државите. Сепак, властите во РСМ јасно имаат визија за продлабочување на нивната балканска и европска изолација“, напиша Георгиев.

Тој претходно ја сподели изјавата на партискиот лидер Бојко Борисов кој побара оставка од Николоски поради говорот на омраза и навредите кон бугарскиот народ.

Од денеска по изборот на редовна влада на Бугарија на чело со премиерот Росен Жељазков вниманието на Скопје ќе се сврти кон Софија бидејќи владата на Мицкоски чекаше политичка влада во соседната земја за да може да водат разговори за предлогот на Република Северна Македонија измените на Уставот да стапат на сила откако земјата ќе стане членка на ЕУ. Услов за одржување на втора меѓувладина конференција и отворање на кластерите од преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ е Бугарите да бидат вклучени во Уставот на земјата.

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски пред два дена изјави дека владата сака да разговара со политичка влада во Бугарија со целосен легитимитет за да се избегне лошата пракса од минатото. Пристапот на македонската влада е да биде најдобрата влада пред граѓаните, но и во очите на европските партнери во делот на испорачаните реформи и во усогласеноста со заедничката безбедносна политика на Унијата.

„Сакам Европската Унија да каже: Оваа е владата што испорачува реформи, но истовремено да изнајдеме рационално решение со Бугарија кое ќе гарантира дека по шест месеци нема да се вратиме на позиција каде тие повторно ќе најдат причини да ги блокираат нашите евроинтеграции“, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за „Топ Тема“.

Политичката кариера на Георгиев

Колегата на Муцунски во Софија, Георг Георгиев во 2014 година на 23 години стана пратеник од ГЕРБ во 43. Народно собрание, при што по дипломирањето политички науки од Софискиот Универзитет „Св.Климент Охридски“ одбрани магистерски студии по политички консалтинг советување. Додека беше пратеник, тој учествуваше во програмата „Идни европски лидери“ на израелското Министерство за надворешни работи и курс на Кинеската дипломатска академија. На изборите на 26.03.2017 г. не успева да влезе во парламентот.

Непосредно пред тоа беше снимен како му ја бакнува раката на Бојко Борисов, но истото го направи и заменик-претседателот на ГЕРБ Цветан Цветанов. Ова се случи на зимскиот универзитет на младинската организација на партијата во Сандански во 2017 година, кога вака традиционално се бара прошка од родителите.

Во 2021 година, сајтот „Птица“ покренува прашања за финансирањето на нова куќа за Георг Георгиев во селото Лозен.

Тој е доволно близок со Бојко Борисов и партискиот лидер на ГЕРБ во август 2022 година му стана кум на неговата свадба со водителката на временска прогноза, а подоцна и новинарка, Виолета Манчева од Бугарија ON AIR TV.

Со текот на годините, тој страсно ја бранеше партијата и нејзиниот лидер Бојко Борисов.

Во јануари 2022 година по сослушувањето во парламентот на премиерот Кирил Петков, министри и шефови на специјалните служби за БНТ изјавија дека кажале „искрени лаги за дефицитите во армијата, за недостигот на средства, за недоволното финансирање“.

„Во последната влада на Борисов бевме една од ретките земји во Европа која ја исполни својата обврска за 2% од БДП издвоен за одбраната, за што на поранешниот премиер му честиташе тогашната американска администрација“, додаде Георгиев. Според него, армијата не била само добро опремена, туку преопремена и префинансирана во последните 10 години.

Статистиката покажува поинаква слика. Од 2011 до 2022 година, трошоците за одбрана на Бугарија беа најмногу 1,5% од БДП. Со еден исклучок – 3,1% во 2019 година, кога владата на Борисов плати за нарачка на авиони Ф-16 за речиси 2,2 милијарди лева одеднаш.

Во јули 2024 Георгиев говореше и по повод скандалот поврзан со упатството на премиерот Димитар Главчев до постојаниот претставник на Бугарија во ОН во последен момент да го смени ставот за прогласувањето на масакрот во Сребреница за геноцид. Меѓу сомнежите за лична интервенција на Борисов во случајот, Георгиев посочи дека ГЕРБ нема никаква врска со тоа, дека „дипломатијата го сака молкот“ и дека надворешната политика е привилегија на Советот на министри.

Како министер за надворешни работи тој ќе мора да работи со претседателот Румен Радев, кој според Уставот има делумни овластувања и во надворешната политика. Но, Георг Георгиев го обвини него (и претседателската администрација) дека е извор на про-Кремљ пропаганда, за „тврдоглаво дистанцирање од сè што прави нашата земја“ и свесно и намерно противење.

Борисов ликува за новата влада: Ја гледам сега опозицијата – прегрнати Пеевски, Кирил Петков, Асен Василев, Преродба

Бугарските пратеници гласаат за кабинетот на Жељазков, на повидок редовна влада

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот