Кумановските пчелари загрижени, мед речиси и да нема годинава

мед

Кумановските пчелари ја оценуваат годинава како исклучително тешка, со минимално произведени количини мед кои не се доволни за опстанок на пчелите за зимскиот период кој почнува август-септември за оваа гранка, информираа денеска надлежните од локалното здружение на пчелари „Пчела” од Куманово.

Климатските промени драстично го намалија производството на мед. Средина на јули е, и временските услови не дозволуваат пчелите да собираат мед. Пчеларската сезона воопшто не била поволна за пчелите, појаснуваат пчеларите. Во пролетните месеци кога почнува сезоната немаше ниту доволна влага, ниту во почвата, ниту во воздухот, имаше ветер, немаше соодветна температура што придонесе за ваква исклучително лоша година. Производство речиси и да нема, не останува ниту вишок кој би можел да се пласира на пазарот. Годинава, локалниот пазар ќе се задоволува со производството од претходните години.

– Оваа година е катастрофална за кумановскиот регион тоа го потврдуваат различни пчелари кои произведуваат во различни микроклиматските подрачја во Куманово и околината кои и самите ја оценуваат годината како катастрофална. Нас пандемијата директно не нè погоди, меѓутоа климатските промени нè дотолчија. Се бориме со сите сили да опстанат пчелите, со прихрана, со резерви од претходни количини за да може пчелите да опстанат. Веќе не разговараме за произведени количини мед, туку за опстанок на пчелите-изјави претседателот на здружението „Пчела” од Куманово, Горан Митевски.

Оваа година мед, тешко дека ќе се собере, појаснуваат пчеларите. Можно е во некој микроклиматски регион да се извади одредена количина, но таа нема да биде ниту на некое средно ниво во однос на претходните години. Единствено, добро е појаснува Митевски е што има интерес и кај помладата популација да се занимава со оваа гранка.

– Нè радува и интересот на учениците во средното „Киро Бурназ” во Куманово кои преку земјоделско-ветеринарната струка можат во редовната настава да научат и практично да го применуваат знаењето при одгледување на пчели-додава Митевски, кој воедно е и професор во ова училиште.

Во здружението има 80 членови, поради пандемијата, здружението не организира никакви акции, освен хуманитарната во април во која беа донирани количини за потребите на здравствениот персонал за кумановската болница во најкритичниот период, на денот на здравството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот