Кривична пријава за Максим Димитриевски за непочитување изолација

Кривичната пријава денеска е доставена до Јавното обвинителство.

СВР Куманово пред неколку часа му поднело кривична пријава на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и уште едно лице, за непочитување на издаденото решение од државен орган, за изолација.

-Ова решение не е поразлично од она за другите граѓани. Ние редовно поднесуваме кривични пријави за граѓани кај кои што при контрола или на друг начин сме утврдиле дека не ги почитуваат изјавите за изолација. Ова е многу редовна активност, нема никаква политика бидејќи ние секојдневно поднесуваме пријави за граѓани кои не ја почитуваат мерката изолација и самоизолација, рече за Слободен печат заменичката на министерот за внатрешни работи Славјанка Петровска.

За кривичното дело предвидена е парична казна. Обвинителот ќе ја разгледа кривичната пријава и потоа ќе ја процесуира до судот. Судот потоа ќе досуди, по што Димитриевски има право на жалба.

Кривичната пријава денеска е доставена до Јавното обвинителство. Во минатото досудени беа други казни од 2.000 евра, 5.000 евра зависно од случајот.