Куманово ќе вложува во спортските објекти што државата му ги врати како руини

Куманово/ фото: МИА

Општина Куманово ќе вложува во дел од спортските објекти кои претходно со одлука на Владата се вратени во владение на општината, најави градоначалникот Максим Димитриевски. Такви објекти се познатата Соколана, спортската сала, градскиот стадион и други. 

Сите објекти се вратени во многу лоша состојба. Дел од нив се под заштита на државата, под Конзерваторскиот центар. Постапката за да се добие градежна дозвола за реконструкција или какво било градежни активности на ваквите објекти е сложена. Целта е да се задржи изгледот на тие заштитени објекти идентичен каков што бил – изјави Димитриевски.

Тој информираше дека во постапка за одобрување е проектот за реконструкција на покривот и за санација на објектот Соколана.

Општината обезбеди два милиони денари и изготви проект за реконструкција на спортската сала. Тој е целосно завршен, аплициран во систем за добивање на градежна дозвола, повторно со Агенција за млади и спорт. Ние како општина издвоивме седум милиони денари за реконструкција на кровната конструкција и сè уште бараме дополнителни средства. Потребни ни се уште околу седум милиони денари за да се препокрие кровот и да се стави нов кров на спортската сала. Дополнително побаравме средства од Агенцијата и за затоплување и ладење на спортската сала, така што одиме чекор по чекор – најави Димитриевски.

Градскиот стадион е во незавидна состојба и според Димитриевски потребни се околу 300.000 евра само за рушење на постоечките трибини. Во моментов го користат фудбалски клубови и школи за тренинг. Стрелиштето, пак, не може да се биде функционално, бидејќи се наоѓа во заштитен појас на меѓународната пруга која се гради.

– Имаме уште два спорни простори, а тоа се помошните игралишта на ЗИК во близина на спортската сала за кои општината води спор со приватните концесионери што имаат направено узурпација и на сила ги држат под владение самите објекти. Општината води спор да ги напуштат објектите и верувам дека постапката кога ќе заврши на суд ќе можеме да влеземе и таму во инвестиција – потенцира Димитриевски.

Општината вложуваше на три локации во изградба и реконструкција на спортски објекти, на спортските терени за кошарка и ракомет со изградба на тартан подлога, современи игралишта и монтажни трибини во три средни училишта. Завршена е и тендерската постапка за реконструкција на спортските терени во населбата Гоце Делчев, каде комплетно ќе бидат реконструирани двете спортски игралишта, за ракомет и кошарка. На игралиштето во село Долно Којнаре ќе се санира подлогата, а кај училиштата „Вук Караџиќ” и „Наим Фрашери” ќе се гради ново игралиште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот