Кумановец нападнал медицинска сестра, ја давел со чаршаф и ја бодел со ножици

куманово болница
Болница во Куманово / Фото: Архива на Слободен печат

Кумановец синоќа влегол во Инфективното одделение во болницата во градот и брутално нападнал медицинска сестра, а директорката на болницата се сомнева дека мотив за нападот била кражба, објави СДК.мк.

Според информациите на порталот од кумановската болница, медицинската сестра била нападната додека ги извршувала своите работни задачи во амбулантата. Напаѓачот ѝ пришол и ѝ ставил чаршаф на главата, по што почнал да ја дави и да ја удира. Таа паднала на подот, по што тој ѝ ја затнал устата со рака за да не може да вика. Ги зел ножичките за сечење газа од бирото и ја прободел во левото рамо и по вратот, по што жената се онесвестила. Мешаницата ја слушнале нејзините колешки и дошле да видат што се случува, при што ја нашле на подот со чаршафот на глава во бесознание. Откако ја освестиле, веднаш повикале полиција и го алармирале обезбедувањето. Насилникот во меѓувреме побегнал, но подоцна бил уапсен. Се работи за 38-годишниот Ф.Ј., жител на градот.

Не е познато како тој влегол во зградата, бидејќи вратите на одделенијата се заклучуваат на полноќ, а пациентите кои доѓаат подоцна се најавуват на ѕвоно ако имаат потреба од лекарска помош. Се претпоставува дека можеби се криел во собите или тоалетите, или влегол преку некој прозор. Што точно се случувало ќе утврдат безбедносните камери на службата за обезбедување во болницата.

Директорката на Кумановската болница д-р Снежана Захариева го потврди случајот, со кој вели дека уште еднаш се покажало оти здравствените работници не се безбедни на своите работни места. Таа претпоставува дека мотивот за нападот е финансиски, бидејќи сестрата е нападната додека ја средувала касата од дневната наплата на партиципација на прегледаните пациенти. На Одделението не недостасуваат ни медикаменти, а насилникот не успеал да ги земе парите, бидејќи наишле останатите вработени.

„Ноќеска е нападната дежурната медицинска сестра од непознато лице, не се работи за пациент, туку лице кое е влезено од надвор. Добила две латероконтузни рани, една во пределот на главата и една во пределот на рамето, но не се работи за опасни повреди. Сместена е на хирургија и направени се сите иследувања, направена и е компјутерска томографија на главата, нема знаци на внатрешни повреди, но од повеќе причини ќе се опсервира во текот на денот. Сега е стабилна, но вознемирена е со оглед на она што ѝ се случило“, вели директорката Захариева во изјава за СДК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот