Куман на удар на јавноста: Изгледам како негативец, но…
Тренерот на Барселона, Роналд Куман, на прес конференцијата во пресрет на денешниот дуел со Виљареал во Ла Лига, конечно се огласи во јавноста по критиките кои ги доби од медиумите поради заминувањето на Луис Суарез.
Куман летово седна на клупата на Барселона и во разговор со Суарез кој траеше само 112 секунди, му порача на Уругваецот дека нема иднина на „Камп Ноу“ и дека треба да си замине.
– Изгледаше како да сум негативец од некој филм, но не беше така. Од почетокот се однесував со почит кон Суарез. Му реков дека можеби нема да игра многу, но доколку остане ќе сметам на него. Тоа не беше само моја, туку и одлука на клубот – изјави Куман.
Еден од најразочараните со заминувањето на Суарез во Атлетико Мадрид е Лионел Меси кој ја нападна управата поради тоа. Меси и Суарез шест години беа соиграчи во Барселона и за тоа време освен што соработуваа одлично на теренот, тие станаа големи пријатели.
– Нормално е дека Меси е тажен бидејќи си замина негов пријател, тие заедно поминаа многу години во Барселона. Но, најважно е Меси да игра и да тренира. Вознемирен е, но покажа голема енергија откако се врати и тоа ќе го покаже и на терените – додава Куман.