КУЛТУРОЛОШКИ СТУДИИ: Форми на отпор и критичка дистанца кон супермаркет културата

Институтот за македонска литература го промовираше Зборникот на трудови „Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“, кој содржи текстови од 22 учесници на научниот собир и дебата одржани под истиот наслов.

Зборникот е резултат на Меѓународниот научен собир со дебата „Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“, одржан во Институтот за македонска литература на 28-29 ноември 2018 година, а објавен во декември 2019 година.

Главни уредници на изданието се професорките д-р Ана Мартиноска и д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература, а извршен уредник е м-р Билјана Јоновска-Стефковска. Дизајнот на корицата го направи Крсте Господиновски. Изданието е поддржано од Министерството за култура.

Создаден како плод на една исклучително продуктивна дебата по повод 10-годишниот јубилеј од Културолошките студии на Институтот, во содржините на Зборникот се објавени текстови од голем број научници од повеќе области – културолози, филолози, естетичари, историчари на уметноста, но и луѓе кои не се дел од академската сфера, како писатели, издавачи, новинари. Промотори на Зборникот беа Роберт Алаѓозовски, национален координатор за култура во Владата на РСМ, и Ана Јовковска, новинарка, писателка и хуманистка.

– Позната ни е тенденцијата на консумеризмот со економската логика во културата, која создава унифицирани производи, кои на некој начин ја униформираат креативноста затоа што културата ја сфаќаат како алатка за постигнување на други економски цели, а од друга страна сакаме да ја сочуваме разноликоста. Всушност, тензиите помеѓу она што ние сакаме како култура да го сочуваме и она што е наметнато од глобалниот социо-политички и културен контекст ќе останат да бидат обележје на нашето време. Тоа што ќе биде нашиот предизвик во наредниот период е да се обидеме да го најдеме финиот баланс помеѓу тие две противречни тенденции. Во таа смисла, токму во Зборникот има многу ставови кои полемички се обидуваат да ги соочат разликите и фаталните консеквенции од консумеризмот во потрошувачкото општество, но од друга страна има и ставови што се обидуваат да откријат каде може да се најде финиот баланс на поклопување, рече Алаѓозовски на промоцијата на Зборникот.

– Огромна е пајаковата мрежа на културата во која е фатен човечкиот род. Постмодернизмот ја смета културата за отворен судир, наместо имагинарно помирување. Јас, пак, секогаш се залагам за културата со мало к, онаа што е во дослух со секој поединец, приземјена и социјално ангажирана, отворена и субверзивна. Таквата би ја нарекла „културна герила“, наспроти културата со големо К, скриена зад обландите на елитизмот и институциите, а во суштина слугинка на економската логика и профитот.

Ана Мартиноска и Ана Јовковска на промоцијата на Зборникот (Фотографија: Билјана Јоновска-Стефковска)

Денес зборуваме за Културата на распродажба! За консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти, тема анализирана и истражувана во Зборникот, кој содржи актуелни и провокативни прашања кои се протегаат од естетизацијата и деестетизацијата на културата и уметноста, комерцијализацијата наспроти естрадизацијата, новите технологии и нивната улога во културната економија, културното наследство и вредносните канони, книжевната вредност, современите бестселери, онлајн продажбата, издаваштвото, како и теми врзани со музиката, танцот, виртуелната уметност, медиумите, супкултурата, потенцираше промоторката Јовковска.

Своето излагање Јовковска го заокружи со заклучокот дека „формите на отпор и критичка дистанца кон супермаркет културата се одговорот што овој Зборник ги сугерира. Можеби ќе треба да се помириме дека во 21. век профитниот карактер на културните индустрии е неизбежен, но не мора да се помириме со таблоидизацијата на културата и приклонувањето кон спектакуларното и сензационалното како кукавички позиции на комформизмот“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 19, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 февруари 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот