Културно наследство: Заштита за битолското Ислахане и скопскиот Аквадукт

Министерството за култура, во рамките на најавените приоритети за 2021 година, информираше за превземените активности за заштита на два значајни објекти од областа на културното наследство.

Заштитата на културното наследство е меѓу трите врвни приоритети на Министерството за култура во тековната 2021 година. Во тие рамки, минатата недела, токму на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите – 18 Април, министерката за култура Ирена Стефоска при посетата на Битола соопшти дека Ислахането, објект од световeн карактер изграден кон крајот на 19 век, е ставено под привремена заштита од страна на Заводот за заштита на спомениците и музеј – Битола, а дефинирањето на режимот на неговата заштита ќе зависи од ревалоризацијата на објектот. Битолското Ислахане, заедно со солунското, се последните два сочувани објекти од ваков тип на Балканот, од изградените седум.

Ислаханите имале исклучителна улога – да ги вдомат напуштените деца, сирачињата, давајќи им занает, а многу од нив израснале во почитувани луѓе. „За жал, војните, времето и негрижата се отсликани и на овој објект – Ислахане, што во буквален превод од турски значи – добро место. Такво мора и да остане, зашто, културното наследство е местото каде што се сретнуваат минатото и иднината, а неговата заштита е во сегашноста“, рече министерката Стефоска и додаде: „За Владата, а со тоа и за Министерството за култура, заштитата на културното наследство е аманет и мисија за грижа на културните идентитети на сите граѓани и на културната меморија на сите нас“.

Битолското Ислахане, заедно со солунското, се последните два сочувани објекти од ваков тип на Балканот, беше истакнато на прес-конференцијата во Битола

Министерството за култура креираше посебна Наменска програма за културно наследство во опасност, која ќе овозможи поефикасна заштита на загрозените културни добра. Со оглед на тоа што битолското Ислахане е во приватна сопственост, а преку Завод и музеј – Битола, како надлежна институција се става на списокот на објекти под привремена заштита, Стефоска порача: „Онаму каде што пишува – Објектот се продава, нека се допише – Објектот е заштитен“. Директорката на Завод и музеј – Битола, Мери Стојанова, додаде дека активностите кои ги реализира институцијата се во однос на зачувување на културното наследство и дека од тој аспект Ислахането како објект одамна е евидентиран и претставува интегрален дел на Секторската студија која се однесува на културно-историското наследство на Битола. При престојот во Битола министерката ги посети и Спомен-куќата на народниот херој Стеван Наумов Стив и Мехмед Ефенди – Јени џамија.

Споменикот Аквадукт во Скопје е прогласен за културно наследство од особено значење

На седницата на 20 април Владата на РСМ, на предлог од Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство, донесе Одлука за прогласување на споменикот Аквадукт во Скопје за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Одлуката уследи по усвоениот елаборат за ревалоризација на споменикот, процес кој долги години беше закочен во надлежнитe институции. Со ревалоризацијата на Аквадуктот е опфатено и прашањето за категоризација на доброто според неговото значење, а со тоа и прашањето за режимот на заштита. Одлуката овозможува трајно зачувување на Аквадуктот и на неговите вредности во културна и историска смисла, како и во однос на заштитата на архитектурата, на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот аспект на локалитетот. Со тоа се овозможува конечно да започне и неговата физичка заштита.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 78, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 април 2021)

Видео на денот