Културен центар „Интерарт“: Танц-фест ќе се одржи наесен

Културниот центар „Интерарт“, како организатор на интернационалниот фестивал „Танц-фест“, извести дека програмата на 16. издание на фестивалот, во согласност со интернационалните гости, е репрограмирана и презакажана за есен, односно ќе се одвива во различни фази во текот на септември, октомври и ноември 2020 година.

Годинава „Танц-фест“ ќе воведе новини во својата програма. За првпат ќе се одржи програмата „Фокус“, која ќе се однесува на американската современа танцова сцена. „Интерарт“, во соработка со својот партнер – американската фондација „Американ денс аброуд“ oд Њујорк, во изминатиот период од една година ја планираше програмата „Фокус: САД“, во која е планирана презентација на три танцови компании, и тоа: „Стефан Петронио“ – танцова компанија од Њујорк со извонреден квалитет и добро позната на светската танцова сцена, „Трајб“ на Шамел Питс и „Фиџет“ – танцова компанија на Меган Бриџ.

Програмата, која годинава е поврзана со јубилејот – 30 години постоење современа танцова сцена во земјата, ќе има посебен блок кореографии посветен на македонските кореографи, а кој ќе започне со најновата премиера „Последен пресек“ на кореографката Адријана Данчевска. За првпат ќе може да се види серија претстави со наслов „Експериментален танц“ од повеќе автори од македонската современа сцена, меѓу кои на кореографите Дејан Битровски, Тринга Хиса и Валентино Апостоловски, како и дебитантите Сара Цветковска, Јована Зајкова, Бобан Русески, Тереза Лазарев, Јована Петровска.

Во овој дел на програмата ќе се изведе и претставата со која кореографката Рисима Рисимкин ќе одбележи 30 години кореографско творештво. Во делот на гостувања на странски претстави на „Танц-фест 2020“, ќе бидат претставени кореографии од Австрија, Јужна Кореја, Германија, Русија и Италија, известија од „Интерарт“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 25, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот