Сунчица Уневска – член на жирито на Берлинале

Инаку, оваа година Уневска, освен како член на жирито на Берлинскиот фестивал, на покана на Германската амбасада во Македонија, ќе биде дел и од т.н. Визиторс програма на Федералната влада на Германија, во рамките на која има претставници од цел свет и која нуди многу богата програма за време на фестивалот.

212

Македонската новинарка и филмска критичарка, Сунчица Уневска, годинава е дел од деветчленото жири на критиката на Берлинале, кое ја доделува реномираната интернационална награда на Меѓународното здружение на критичари „Фипресци“. По нејзиното учество минатата година, при крајот на ноември, во жирито во Талин, Естонија, таа сега влезе и во жирито на еден од трите најголеми и најзначајни филмски фестивали во светот. Жирито, кое е предводено од британската критичарка Рита ди Санто, годинава вклучува претставници од: Бразил, Перу, Грузија, Италија, Германија и Франција, и се разбира, од Македонија. Досега Уневска, која освен како новинар во дневните листови „Утрински весник“, а сега и „Слободен печат“, го уредува и го востанови и првиот и единствен филмски магазин во нашата земја ФИЛМ+, има партиципирано во повеќе жирија, и тоа во: Вајадолид, Каиро, Братислава, Софија, Истанбул, Виена, Мотовун, Талин и други.

Инаку, оваа година Уневска, освен како член на жирито на Берлинскиот фестивал, на покана на Германската амбасада во Македонија, ќе биде дел и од т.н. Визиторс програма на Федералната влада на Германија, во рамките на која има претставници од цел свет и која нуди многу богата програма за време на фестивалот. Програмата вклучува посета на Универзитетот за филм Конрад Волф, каде што учесниците ќе ги гледаат последните филмови на студентите, потоа ќе има разговор со младите германски филмаџии, посета на оригиналните локации каде што се снимени многу познати филмови, како: „Трчај Лола, трчај“, „Збогум Ленин“, „Животот на другите“, „Борновата надмоќ“ и други.

Предвидени се и посети на германската Кинотека и на Гете институтот, како и разговор и дебата со претставниците на Светскиот филмски фонд. Една од главните теми на оваа дебата ќе биде и регионалното филмско финансирање, како и запознавањето со сите делови на Берлинале и со нивните критериуми и селекција.