Солунски филмски фестивал: И овде има трговија со луѓе

Целиот почеток на 59. Филмски фестивал во Солун е во знакот на жените, и низ филмовите, и низ настаните, но и низ вистинските реални приказни, кои се неверојатно потресни.

AFP PHOTO / SAKIS MITROLIDIS

Солунскиот филмски фестивал, кој се наоѓа на прагот на својата 60-годишнина, повторно, како и секогаш, функционира совршено. Секојдневни редици за билети, преполни киносали, фестивалска атмосфера и огромна поддршка на публиката. Затоа фестивалот е успешен, како и во Сараево, како и во Мотовун, како и во Карлови Вари. Публиката сака фестивалот да успее и со нетрпение го очекува, планирајќи ги своите обврски спрема него и, секако, одушевувајќи ги гостите, кои се презадоволни кога нивните филмови се прикажуваат пред полни сали и кога има толку голем интерес за традиционалните Q & А по прикажувањето на филмовите.

Вистинско уживање е да се биде на овие фестивали, не само поради филмовите, не само поради многубројните настани, туку пред сè поради атмосферата. И додека кај нас, и понатаму, и по речиси 40 години на фестивалот „Брака Манаки“ се занимаваме со тоа зошто нема публика и зошто е толку голема недовербата на битолчани кон скопјани, другите едноставно грабат напред и сè повеќе прават фестивали што далеку ги надминуваат регионалните рамки.

А да не зборуваме колку киносали се направени во монтажни објекти, во хотели, на отворено, и каде уште не (сме биле присутни на проекции и во камиони и во шатори), користејќи ја секоја можност. Додека за нас тоа и понатаму е мислена именка, стоејќи и по четири децении на „Брака Манаки“ во место и тоа за фестивал на филмска камера, за кој се посебно важни убави и квалитетни проекции.

Посветени на жената

Но, да се вратиме на 59. Солунски филмски фестивал, кој годинава вели: „Овој пат поинаку“. И така и започна, правејќи церемонија на отворањето која и самата се стопи со екранот. Со други зборови, церемонијата се трансформира себеси во краток филм (во кој е содржано се, говорите, најавите, филмовите, гостите, концептот), што беше прикажан пред филмот на отворањето, јапонскиот „Крадци по продавници“.

Централно место на фестивалот годинава има изложбата насловена „15 дела на посветеност“. Веќе пишувавме за темата што годинава го носи насловот „Романа каритас“ или „римско милосрдие“ и е посветена на несебичната љубов и на семејството. Петнаесет грчки уметници создаваа дела инспирирани од 15-те филма селектирани во интернационална конкуренција, кои пак, секој на свој начин, се поврзани или инспирирани од оваа тема. Изложбата беше, исто така, исклучително посетена и донесе навистина многу необични дела, во кои доминираат скулптури и инсталации користејќи доста нетипични материјали.

Некако, првите денови на фестивалот како целосно да се посветени на жената. и тоа не само поради годинешната тема и пожртвуваноста на жената (од приказната за ќерката која ќе го дои својот татко само за да му помогне да преживее), туку и поради актуелните проблеми во светот, како домашно насилство и трговија со жени, за што на самото пристаниште, каде што се главните објекти на фестивалот, е подигната импровизирана соба, која го симболизира токму проблемот на „хјуман трафикинг“, и на која има и број за пријавување. Со тоа фестивалот во Солун, како и тој во Сараево, ја покажува својата активна улога и се надоврзува на светското движење „Ми ту“.

Два македонски филма

А така беше и со првите филмови што ги видовме на фестивалот, меѓу кои норвешкиот „Слепа точка“ на младата Тува Новотни, кој беше прикажан во Сан Себастијан и на Пиа Тјелта ѝ ја донесе наградата за главна женска улога. Тоа е тежок филм за обид за самоубиство на една тинејџерка и за тоа што во тие моменти се случува со семејството.

Исклучително силен беше и филмот „Dead Women Walking“, кој во самите часови пред извршувањето на смртната казна, ги раскажува приказните на жените осудени на смрт. И овој филм го потпишува жена, Израелката Хагар Бен-Асер, која вели дека дури 90 проценти од жените во затвор се жртви на насилство. Додека, швајцарскиот филм „Невин“ на Симон Закмент, во чиј фокус е една средовечна жена, се осврнува на оние внатрешни кршења кога сте соочени со крајниот конзервативизам и предрасуди.

Да кажеме и дека годинава во копродукцискиот форум, во индустрискиот дел на фестивалот, меѓу 15 филма е избран и македонскиот проект насловен „М“, на Вардан Тозија и во продукција на Дарко Попов, каде што копродуцент е Србија. Како што пишува, овие филмови се избрани според квалитетот на сценариото и веројатноста дека ќе бидат продуцирани, давајќи им ја можноста во Солун да најдат копродуценти и да ја затворат својата финансиска конструкција.

А вчера во официјалната програма својата премиера во Солун ја имаше и краткиот македонски филм „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, кој е селектиран во годинешната програма „Балкански преглед“ меѓу 10 долгометражни и 5 краткометражни филма. „Види ја ти неа“ ќе има уште една проекција на денот на затворањето на фестивалот, на 11 ноември.