Серијата „Сенки над Балканот“ премиерно на Браќа Манаки

Задоволство нѝ е да ве информираме дека ТВ серијата „Сенки над Балканот” на Драган Бјелогрлиќ, ќе ја доживее македонската претпремиера со прикажување на пилот-филмот во рамките на 38. Интернационален Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки”, на 24-ти септември (недела).

Серијата „Сенки над Балканот” е историски трилер со дејствија кои што се одвиваат на почетокот на 20-от век главно во Белград и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија.

„Сенки над Балканот”, по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ е меѓународна копродукција помеѓу Кобра Филм – Србија, Скопје Филм Студио – Македонија и Искра – Русија. Како копродуценти на серијалот со свое учество се вклучија и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија, а истиот е финансиски поддржан од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија.

Режисер на осмата епизода која главно се снимаше во Битола и околината е Игор Иванов.

Останата авторска екипа ја сочинуваат: директор на фотографија Иван Костиќ, сценограф Горан Јоксимовиќ, костимограф Борис Чакширан, шминка Дубравка Вуксановиќ, монтажата е на Лазар Предојев, а музиката е на Мањифико.

Улогите во серијата ги толкува плејада на актери, меѓу кои Драган Бјелогрлиќ, Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Борган, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Aлексеј Солончев, а од Македонија играат: Петар Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.

Снимањето на серијата започна во октомври минатата година а заврши летово и се одвиваше на локации во Србија и филмското студио Бaранда, а во Македонија – Манастирот Рождество на Пресвета Богородица село Сливница, во селото Буково, битолско и околината на мариовското село Скочивир.

„Сенки над Балканот” беше промовирана на Сараевскиот Филмски Фестивал и Филмските средби во Ниш, каде предизвика позитивни реакции и воодушевување кај публиката, па очекуваме дека серијалот ќе биде проследен со голем интерес. Телевизиското прикажување на серијата е закажано за крајот на октомври оваа година.