РЕЦЕНЗИЈА: Животот може да биде „авантура“

Кон: „Рома“, режија, сценарио и фотографија: Алфонсо Куарон, улоги: Јализа Апарицио, Марина де Тавира, Нанси Гарсија, Вероника Гарсија, Хорхе Антонио Гуереро, Мексико/САД, 2018

80

Мексиканскиот филм „Рома“, кој понесе две номинации за најдобар филм за Оскар, дефинитивно ја одбележа изминатата година иако се појави во Венеција, значи во септември, на самиот крај на годината. Па сепак, тоа беше доволно за овој филм, кој го освои и Златниот лав, да ги собере најдобрите критики, да се наметне со својот визуелен стил и беспрекорната, комплексна нарација, тоа беше доволно оваа филмска приказна да ги добие оние епски димензии, кои всушност и ги поседува, и да нè врати во времето на едно сосем поинакво раскажување приказни. Имено, овa остварување на Алфонсо Куарон успеа да се наметне, не само затоа што е навистина извонредно снимено, туку и затоа што во себе носи некои поинакви вредности, кои навидум не се нови, па сепак, со својата свежина, смелост и визија донесоа една поинаква (филмска) атмосфера, но и реална, онаа на набљудувачот, онаа на гледачите, чија точка на гледање одамна е изместена.

Не дека е нешто ново. Напротив. Многумина дури во овој филм гледаат сапунска опера или телевизиска новела, но не е така. Зошто? Затоа што Куарон умее многу точно да ги постави границите и да ја дефинира филмската уметност, која во себе ја носи длабочината, го носи траењето, ги носи карактерите во својата суштественост, а не интригантност. „Рома“ е едно такво парче живот, кое во себе содржи и носталгија, и патетика, и емотивност, но не како резултат на атракција, туку на потреба, онаа вистинска, реална потреба. Онаа потреба со која секој од нас може лесно да се поистовети.

„Рома“ е многу слоевит филм, кој во себе толку тивко и ненаметливо носи голем број приказни, како лични, така и социјални, политички, општествени, и пред сè, ангажирани. Епските димензии во неговиот филм не ги носи изминатото време, туку изминатите настани. Сето она што низ времето (кое всушност е кратко) ќе се промени толку многу, но како резултат единствено на потребата да се живее и понатаму и да се најде мотив, причина, надеж, верба. Сите негови ликови поминуваат низ одредени трансформации иако всушност она што се случува е поврзано на свој начин со сите, но го има сосем различниот одраз, поради возраста, поради потеклото, поради потребите.
На некој начин тоа е женски филм, иако и машките ликови во него се многу силни. Куарон ќе успее нешто што навистина ретко успева, да го раскаже филмот низ очите на куќната помошничка, но како (навидум) споредено и низ очите на децата, а и низ нашите очи, низ очите на набљудувачот. Бидејќи тој во оваа биографска приказна (сместена на почетокот на 70-тите години на минатиот век во провинцијата Рома во Мексико Сити), иако е дете, наедно е и набљудувач. Набљудувач на животот, на судбините, на необичниот развој на настаните, несфатлив за децата, но често и за возрасните.

Низ извонредно одбраните детали, раскажувајќи во реално време, тој успева така да го внесе гледачот во приказната, која буквално ја чувствува толку блиска, толку препознатлива, толку емотивна, но и толку своја. Филмот е преполн со симболи, на моменти апсурден и комичен, но всушност, многу жесток, болен и реален. Како да ја исчистите куќата кога настаните во неа не се воопшто онакви какви што изгледаат. Како да ја внесете живоста и радоста кога светот околу вас е полн со предрасуди, како да се пронајдете себеси во едно време на политичка фарса, во едно време на срамна манипулација, како да гледате напред кога протестот на студентите на таков безмилосен начин завршува во крв (потсетувајќи на масакрот Корпус Кристи).

Но, силината е токму во тоа што филмот не е таков. Тој не зборува директно за овие теми, ниту осудува, ниту се обидува да бара или да најде виновници. Не. Тоа е филм за животот, иако се навраќа на 70-тите години на минатиот век и во заднина на толку „невин“, но исклучителен начин, успева да го донесе времето со сите свои особености, сепак, тоа првенствено е филм за две жени, за животот кој и покрај сè тече понатаму и во кој своето место мора да го најдат сите, и оние „главни“ и оние „споредни“ протагонисти, да не речеме жртви, бидејќи тоа и не се. Животот продолжува со сите свои неправилности, повреди, нелогичности, небулози.

Впрочем, филмот на Куарон е, пред сè, топол, едноставен, исправен, онаму каде што работодавците и куќните помошнички ја делат и реално заедничката судбина, но и навистина претставуваат едно семејство. Семејство кое, и покрај сите свои разлики, ќе се најде во вителот на неправдите, семејство во кое двете жени ќе ги доживеат своите трагедии, семејство кое ќе се најде на крстосница, но иако различни судбините, сепак, нивната љубов, потреба, разбирање, заедништво и грижа едни за други ќе направат да се чувствувате болно, но добро. Затоа и многумина го сфаќаат погрешно, бидејќи среќните завршетоци не постојат. Впрочем, тие не постојат ни тука, туку од животот е земено она што како лична борба, како своевидна авантура (како што г-ѓа Софија ќе им го претстави на децата) може да ни донесе верба и надеж. Не мора секогаш крајот да биде поинаков, бидејќи ништо и не завршува. Животот продолжува, само носи горчливи искуства, сеќавања, емоции кои можеби нема никогаш да се заборават, но затоа умеат да донесат и тага и среќа, сè зависи што е она во што во тој момент сакате да верувате.

„Рома“ е моќен филм, со извонредни главни и споредни карактери, со фантастични сцени кои навистина можат да станат култни, со една таква моќ на раскажување, како наративна, така и визуелна. Црно-белата слика носи во себе таков колорит кој делува неверојатно, бидејќи авторот во нив вградува толку многу приказни, толку судбини, чии влијанија се различни, зависно од животните мигови во кои секој може да се најде. Куарон успева така да го долови животот, низ многубројните асоцијации, низ толку добро компонираните сцени, низ навидум неважните разговори, емоции, или мигови, но всушност толку точно и толку силно успева да го фати сето она со што сите се соочуваме во текот на своето созревање, во текот на својата криза или барање излез. Животот е калеидоскоп кој Куарон така точно, така уверливо и така неверојатно го носи низ овој филм, кој всушност не измамува солзи, туку толку силни емоции, бидејќи во нив е содржан дел од секој од нас.