РЕЦЕНЗИЈА: Во постелата на фактите

Најдоброто во овој роман е надоврзувањето. Хронолошкото распрснување и монтирањето потоа се супер изведени; Стојановски уфрла пасуси, кои ги повторува и со тоа директно, вешто и мошне лирски го лепи дејството.

Најновиот, трет роман на Давор Стојановски „Утеха за голите“ е различен од двата претходни „Ненасловена месечева соната“ (2013) и  „Собирачи на пепел“ (2016) и токму таа различност е неговата прва книжевна доблест, особено ако се има предвид фактот дека претходните романи беа мошне впечатливи и широко забележани, како од читателите, така и од книжевната критика. Првиот беше во најтесен избор за Роман на годината 2013, а вториот ја доби престижната награда Роман на годината 2016. По таков успех, најлесно е младиот автор да ја продолжи добитната „формула“ и „истоста“ да ја фундира како своја препознатливост во домашната книжевност.

Но, Стојановски е автор за потешки книжевни патишта. Тој решил да напише нешто поинакво и „Утеха за голите“ е навистина нешто поинакво: хибриден, искршен и комплексен роман со голема и суверена амбиција, впечатлива монтажа, лизгање низ просторот и времето, сосе истовремено лизгање и низ фактите (историските одредници и лесно достапните податоци) и фикцијата (накалемена на нив како нов, посакуван „плод“). Ваквиот раскажувачки залак е многу поголем од претходниот загриз: жанровски роман. „Собирачи на пепел“ е типичен егзистенцијалистички роман, можеби прв во Македонија по егзистенцијалистичкиот формат на повеќе дела на Димитар Солев од седумдесеттите години на минатиот век, сосе најуспешното, се разбира, кусиот роман „Кратката пролет на Моно Самоников“ (1970).

„Утеха за голите“ е добар роман кој дава значаен придонес во бележитата домашна романескна продукција 2018 година. Длабокото на усвоените раскажувачки вештини на Стојановски ги повлекува и ги потопува речиси до незабележливост неколкуте немирни, недоволно скротени места во овој чист, педантен и сѐ на сѐ – добар роман.

Најстојчива авторска контрола

Романот почнува одлично од некое впечатливо, сензуално среде на сижето. Ако се нагласи и сугестивноста на јас-раскажувањето, се добива широк, многуветувачки влез во текстот. Патот на приказната се отвора во сите насоки: пред и по, скоро и одамна… Ваквото вгнездување во една временска точка и распрснување на хронолошкиот тек на настаните е мошне тешко за работа, но Стојановски на тој план ни демонстрира една суверена раскажувачка вештина.

Стојановски е вешт автор со филигрански раскажувачки детали и решенија. Една богата нарација со широки и спокојни пловни реченици кои повлекуваат цело море асоцијации и слики во себе. Многу симболика, кротка лирика, спитомени поврзувања на неповрзливото. Пред крајот на романот, кога главниот лик, јас-раскажувачот се простува со своето скопско минато во едно кафуле, наведени се стихови од песна со нагласено лично значење за главниот лик во која буквално истекуваат кусите престои од 1972 и 1973 на германскиот шахист во Скопје. Повозрасните читaтели или музички поупатените, во стиховите лесно можат да го препознаат Ван Морисон со Astrale weeks од 1968 година; вредните – истото лесно можат да го пронајдат. Ова го издвојувам за да ја потенцирам постапката на втемеленост и сувереност во новиот роман на Стојановски. Ништо не е случајно, ништо не е излезено од настојчивата авторска контрола. Дури ни стиховите, дури ни музиката зад нив што дискретно се огласува во текстот. (Сличен однос со музиката, уште понагласен, имаше и во романот на Игор Станојоски „Диссомнии“ каде што главниот лик во текот на целиот роман ги слуша „ОЕ“ – „Океан Елзи“ – „Океанот на Елза“, еден од најпознатите украински бендови.)

Лизгање на фактите низ фикцијата

Лизгањето на фактите низ фикцијата е солидно направено. 1972 имало шаховска олимпијада во Скопје, во Олимписко село, имало источногермански шахист чиешто реално име само бегло е искористено за името на фиктивниот главен лик кај Стојановски – Кестинг Рајнер. 2016 година, по 34 години, Рајнер се враќа во Скопје и решава да не оди на олимпијадата во Баку којашто реално се има одржувано во тој град и… тоа е можеби слабото, превидено место, зашто не е книжевно издржано да се сопоставуваат конкретни факти и фикција, а притоа едно од двете нешта да влезе во другото. Баку е погрешно избран град, зашто го збунува внимателниот читател, а внимателните читатели (како ни другите!) не смеат да се збунуваат во текстот. Ако не се зема предвид реалната година кога се случувала олимпијадата во Баку, а се зема градот како топоним со фикциско поместување на настанот во него, едноставно… темпоралната рамка на романот се лизнува. Тоа не требало да му се случи на автор од ваков формат. Давор Стојановски морал фиктивната олимпијада да ја постави во фиктивен град, како што реалната ја има поставено во реален град (олимпијадата во Скопје 1972). Вовирањето на фикцијата во реалната постела на фактите е занимливо и тешко искуство, искуство со строги правила, присутно во светската, а од поодамна и во домашната книжевност. „Утеха за голите“ е повеќе облагородена историографска фикција отколку постмодернистичка стратегија.

Црна кралица или копче?

И при ваква целосна контрола за темпоралното кинење и беспрекорно надоврзување на сижејната линија (со малото грешно провлекување на Баку, таму каде што мора да биде кој било друг град), сепак се чини дека крајот е преисконструиран. „Наоѓањето“ на фигурата што недостасуваше (црната кралица) и која беше заменета со копче на почетокот од романот, едно мошне впечатливо, антологиско раскажувачко парче е преисконструирано и иако убаво ја заокружува целата приказна, сепак сметам дека е изнасилено и малку грубо, насилно виткање на тврдиот обрач на приказната во совршен круг. Поврзувањето е одлична идеја за финиш, но дали со фигурата или, можеби, потенцијално само со копчето (кое недостасува или се препознава, сеедно) на капутот од мртвиот син… Овој детаљ, малку понесигурниот ритам на романот во втората половина и малку предоцна вметнатиот дел со сестрата (дали е потребен вопшто?) се единствените послаби места. Тие можат да се нурнат во длабокото на одличните решенија, но можат и да испливаат на површината како мала, нечиста пена во кристалното море.

Најдоброто во овој роман е надоврзувањето. Хронолошкото распрснување и монтирањето потоа се супер изведени; Стојановски уфрла пасуси, ни предолги ни прекратки, кои ги повторува и со тоа директно, вешто и мошне лирски го лепи дејството. Овој метод е фантастично изведен на неколку места. Внимателниот читател наидува на пасус што го има прочитано и со тоа ја доближува сижејната линија во моментот на реалното случување, не на реминисценцијата. Оваа вештина ја имаат големи писатели. Стојановски станува токму тоа со секој нареден роман.