Рецензија: Хармоника

За збирката раскази на Румена Бужаровска: „Не одам никаде“, издавач „Или-Или“, Скопје 2018

Новата збирка раскази на Румена Бужаровска „Не одам никаде“ е одлична. Од „Чкртки“ (2007) кога ветуваше, во „Осмица“ (2010) кога исполнуваше, преку „Мојот маж“ (2014) кога ѝ се посреќи, наоѓајќи ја златната раскажувачка формула за своето писмо, еве ја Бужаровска повторно чекор потаму. Ретко кој од помладите современи македонски автори има толку јасно дефинирана развојна раскажувачка крива: секоја наредна книга да му биде подобра од претходната.

„Не одам никаде“ според наративниот интерес е речиси иста со „Мојот маж“, но според изведбата, според преносот на намерата во текстуален формат, модално наратолошки, таа е различна. (Овде најмалку мислам на должината на расказите, иако не ја заборавам ниту миг.) Моќни, раскажувачки потентни (најчесто) „женски приказни“ и овојпат се фрлаат во текст, во зборовната вода на книжевната намера. Но, ако во „Мојот маж“ се фрлаа во потоци, во понекоја брза рекичка или езерце – па стрчеа, лесно препознавајќи се и „уловувајќи се“ низ намерата; во „Не одам никаде“, (најчесто) „женските приказни“ се фрлени во океан.

Она што стрчеше, главно поради непропорционалноста на преголемите, набабрени состојби во премалите, испостени општества како нашето, веројатно и поради нестрпливоста на талентот да биде свој, поинаков и различен по секоја цена, мигум да се покаже од сите свои страни; одеднаш спокојно понирало, престојувало на дното, во суштината, и повторно испловило на површината од зборовната вода. „Мојот маж“ беше и секогаш ќе биде солидна збирка раскази во каков било контекст, дијахроно, синхроно; и кога излезе и сега по 5, 10… или којзнае колку изданија, преводи, години, децении… Збирката имаше видна доза дрскост при предавањето најинтимни приказни; зборуваше за она што прозата најчесто го молчи или пресилно го литераризира, го потопува во патетика или го заобиколува во широк раскажувачки лак. Но, тоа не ѝ беше слабост, напротив.

Стаписувачката жица нѐ беше подослободила од стилот во „Мојот маж“, и сега, Бужаровска ни го враќа токму тоа – стилот. Прочистен, светнат, стегнат! Дрскоста од „Мојот маж“ е присутна и во најновата книга, ама приказните овојпат се испрпелкани со зборови во прав. Помеки се, повкусни, понежни, поронливи. Расказите не се само добро испечени „женски приказни“, туку и натопени од сите страни во „медот и крвта“ на секојдневието, во женскоста, во предрасудите, стеротипите, илузиите, во сексуалноста (нема расказ без секс или барем без колоквијалниот глагол за него),.. но и во лектирата, во музиката, во вториот јазик (англискиот) како билингвалност со јасна стилистичка функција.

Жешката рингла на Другоста

„Не одам никаде“ е збирка од седум долги раскази, речиси новели. Буквално сите се имаат допрено до жешката рингла на Другоста, на туѓините, туѓинците, на „погрешностите“… Заминување, враќање и(ли) останување. Нормално е дека нејзиниот наслов не е извлечен од некој што никогаш не би заминал, туку од некој што се вратил и… во повторното заминување гледа само враќање на страдањето. Токму од таков лик (кутриот Ристе) и од тој процеп е извлечен насловот на целата збирка, со двојна редукција на репликата на Ристе во месарницата каде што прокрварило неговото детство, можеби и целиот живот: Тука сум, не одам никаде. Ќе се вратам. Првата редукција на репликата е направена во насловувањето на расказот („Тука сум. Не одам никаде“), а втората во насловувањето на збирката.

Првиот расказ („Вазна“) е приказна за невклопеноста во замислата за самиот себе во туѓ свет; вториот („Капини“) е прекрасна асоцијација на раскажувачката атмосфера од „Мојата генијална другарка“ на Елена Феранте, навраќање или соочување со детството низ призмата на лекувањето на сопствениот престап во осамата на минатото; третиот („Цице“) е веројатно еден од најдобрите во збиркава и маестрално се справува со двата света на чијашто меѓа живее Елена, мажена за Американецот Ричард и заклучена со масивниот клуч на разочарување во занданите на минатото, потеклото и илузиите за романтична љубов; четвртиот („Тука сум. Не одам никаде“) е приказна на несреќен повратник заробен во прељубата на својот татко во детството и врзан за несреќата на својата мајка со за’рѓан синџир нетрпение; петтиот („Медуза“), малку издолжен расказ со широк општествен опфат на проблемите на родителите и децата неснајдени во туѓина; шестиот („Чероки црвена“) е најплотниот, најсензуалниот расказ во збиркава, кој навестува хомосексуалност, сексуална возбуда од страв, од срам, од немоќ… и последниот, седмиот („Осми март“) е фино подистегнат расказ што го дозволува стреч-ткаењето на ликот на професорката Весна, урнатина на нашето време со трајно иселена љубов од неа, полеана со алкохол и… запалена во стравотен пожар болка. Има маестрален, гротескен крај.

Без ни најмала задишаност

Извлекувањето наслови е голема вештина во оваа збирка на Бужаровска. Принципот е совршено јасен и доследно спроведен и во насловот на книгата и во насловите на секој расказ одделно. Извлекувани се според принципот на карактеризирачкото минорно („Капини“), според несуштинското повторливо („Цице“), според детаљ од наративен блок („Медуза“) итн… Сепак, не можам да одолеам да не прокоментирам дека можеби насловот „Хармоника“ би бил посоодветен отколку „Осми март“ за последниот расказ. Најмногу и поради фактот дека со истиов наслов постои расказ и во „Мојот маж“ кој може да го заведе невнимателниот читател. Речиси сум сигурна дека авторката намерно го повторува истиот наслов во различна приказна, но јас сум, сепак, за… хармоника како наслов, ако не на расказ во збирката, тогаш барем на рецензијава за неа. Маестралната сцена со пијаната госпоѓа Весна на самиот крај од последниот расказ, а со тоа и на книгата (Излезе надвор во ноќта, во тенкото сиво комплетче, со хармониката на гради (…) и со жив чекор тргна надолу (…) кон градот) заслужува ваков специјален акцент.

Должината на расказите е изведена со завидна наративна кондиција. На моменти помислував дека читам романсиер кој може да трае и да тера колку што сака. Апсолутно не ме интересира дали Бужаровска наредниот пат ќе напише роман; она што сега во моментов ми е крајно возбудливо е фактот дека раскажувачки таа е Друга, Различна од претходната книга, а таа Другост, Различност се огледува и во екстензијата на приказните, постигната со лес, без ни најмала задишаност.

„Не одам никаде“ е најдобрата книга на Румена Бужаровска досега.