Премиера на „Забрането смеење” во струмичкиот театар

104

На малата сцена во НУЦК „Антон Панов”, утревечер струмичкиот театар премиерно ќе ја одигра претставата „Забрането смеење” од хрватскиот писател, Миро Гавран.

Режијата на овој мошне игран текст е на Игор Ивковиќ, а трите улоги ги толкуваат актерите Стојан Велков-Трн во улогата на Борис, Јасмина Вучкова во улогата на Миа и Анкица Бенинова како Нина.

Режисерот Ивковиќ информираше дека претставата „Забрането смеење” во Струмица се игра по неодамнешната премиера во Виена. Според него тоа е претстава која раскажува навидум едноставна семејна приказна за 43 годишниот Борис, кој има богата сопруга и со неа е во брак 20 години. Во последните 5 години тој ја има и помладата љубовница Нина. Кога швалерката ќе реши да ја раскине врската со него, почнуваат проблемите.

– Во претставата имаме исклучителни актерски креации, кои ќе ја пленат публиката од изведба во изведба. Претстава која се темели на формата на „ситком”, нешто што е лесно за гледање, но тешко е за играње и правење, затоа што мора да се внимава на темпото, динамиката на комичните ситуации. Оваа претстава на Миро Гавран во 2004 година е една од најнаградуваните и најиграните текстови на овој автор во цел свет, рече режисерот Игор Ивковиќ на денешната прес конференција пред утрешната премиера.

Актерите сметат дека нивната енергија и таа на режисерот се споиле и тоа е рецептот за добар театарски продукт.

– Тоа треба да се види и на публиката само да и кажам да дојде и во еден здив да ја погледне претставата, заради тоа што ние многу даваме, а таа треба да не земе нас, рече актерката Анкица Бенинова.

Преводот и адаптацијата е на Горјан Милошевски, дизајнот на сцената и костимите се на Маре Трајковска и Ванчо Василев, сценските движења и танци се дело на Валентино Апостоловски, а во претставата има изложено и дела од колекцијата на Струмичката ликовна колонија од уметниците Марјан Ѕин, Ване Костуранов, Љупка Галазка-Василев и Никола Пијанманов.