Последните денови на Блаже Конески

539
Фото Олд Прилеп

Данило Коцевски

Годинава (2018) се одбележуваат дваесет и пет години од смртта и 97 години од раѓањето на големиот македонски лингвист и писател Блаже Конески (1921-1993). Тој е роден на 19 декември 1921 година, а почина во истиот месец, на 7 декември 1993 година.
Во таа 1993 година, ја имав одговорната задача, но и исклучителна чест, како претседател на манифестацијата Рацинови средби, да придонесам за организацијата на 30-годишнината од средбите која тогаш се одбележуваше. Рациновите средби, со усилбата на повеќето македонски писатели, тие години станаа и балканска манифестација, беа присутни претставници од речиси сите балкански земји. Претходната, 1992 год. направивме вистинска сензација: на манифестацијата присуствуваше и еден грчки поет, поетот Макис Апостолакис, а беше потпишана и спогодба за соработка меѓу неговата грчка писателска асоцијација, и Друштвото на писателите на Македонија, во времето на затворените граници и грчкото ембарго.
Јубилејот го подразбираше и присуството на Блаже Конески, нашиот голем писател и лингвист, иако неговата здраствена состојба беше сериозна. Но, во претходните разговори, тој навестуваше дека би сакал да присуствува, особено на симпозиумот, и да има свое обраќање. Со текот на времето и разговорите со него, започнав да сфаќам дека тоа обраќање и негово слово, му се исклучително важни. Посебно ме возбуди помислата дека тоа би требало да биде еден вид завештание, тестаментално обраќање на писателот. Иако во тие мигови човек ги одбегнува таквите помисли, но, сепак, се наметнуваше прашањето: дали тоа Конески го претчуствува својот крај, дали е тоа чинот на животната рекапитулација, навраќање кон сето она што е направено во творештвото и во науката?
Конечно, Конески го потврди своето доаѓање на јубилејот и на симпозиумот, но, во подготовките за неговото учество, наведе неколку битни детали и барања. Бидејќи не ќе може да го прочита целиот текст, се договоривме, тој само да започне со читањето неколку реченици, а потоа друг да продолжи и да го прочита текстот. Требаше да се договориме: која личност да го стори тој чин? Бидејќи се обидував во манифестацијата да ги вклучиме новите, млади сили на критичари и писатели, одлуката падна на Елизабета Шелева. Таа и онака требаше да го води симпозиумот таа година. Блаже Конески со големо задоволство го прифати предлогот, и од разговорот сфатив дека тој следи се што се случува во нашата литература, и името на младата теоретичарка му беше многу добро познато, исто како и имињата на неколкуте други млади творци и критичари.
Во Велес, Конески допатува заедно со неговиот пријател од детството, писателот Коце Солунски. Веднаш по оттворањето, Блаже Конески беше првиот говорник. По неколкуте први реченици, текстот, пред преполната Сина сала, целосно го прочита Елизабета Шелева. Текстот навистина беше во извесна смисла тестаментален, во кој тоj луцидно се осврнува на смислата на пишувањето воопшто, на сопстеното творештвото, јазикот, долгот кон својата генерација и нацијата. Во тој текст, покрај другото, Конески вели: „Ми го поставуваат не еднаш дирекно прашањето, дали се исплаќа човек да создава литературен јазик за два милиона луѓе? Што можев да одговорам? Можев да свртам на шега и да речам а судејќи по тоа што не сум богат човек, таа работа не била лукративна. Сепак, јас најсериозно велев дека некој што подобро од нас сите знае какво треба да биде устројството на светот, очевидно решил поктај големите народи и јазици да има и мали народи и јазици… И мене не еднаш ми се обраќале со прашањето зошто не пишуван на еден од веќе афирмираните јужнословенски јазици. Во мојата ситуација не беше можна ни помислата за една таква преориентација. Зошто? Затоа што за мене едно такво решение би значело интимен пораз. Јас би го доживеал тоа како изневера кон својата генерација, кон своите врсници, понесени од македонската национална идеја.“
По излагањето и читањето, Конески сакаше веднаш да замине од Велес. Залудни беа сите наши убедувања, освен она на Радомир Ивановиќ, кој, онака, духовито и во свој стил рече: „Професоре, ќе одиме на кратко да седнеме на ,само по една`. И ништо повеќе“. Конески се насмеа, заминавме со него во хотелот „Интернационал“, во центарот на градот, во придружба на Радомир и Коце. Се разбира, не се пиеше „по една“ туку само кафе. Падна муабет, и по некоја вообичаена, пријателска закачка меѓу Конески и Коце Солунски. Веднаш потоа заминаа за Скопје. Набрзо, за речиси неполн месец, на 7 декември 1993 год. Блаже Конески почина.

Во последните години од својот живот, Блаже Конески интензивно пишуваше, особено поезија. Стихозбирките се редеа една по друга: „Црква“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Црн овен“… Во последните години и месеци од својот живот, имаше обичај да се јави во редакцијата на списанието во која што работев како главен уредник, и да ме повика да дојдам кај него во Академијата. Знаев зошто ме повикува, не требаше ништо да ми објаснува. Требаше да ги земам најновите песни кои ги напишал за да ги објавиме во списанието. Ќе ме пречекаше со насмевка, велејќи: „Немојте да се чудите што толку многу пишувам. Во постарите години се враќаме во младоста: нетрпеливи сме што поскоро да го видиме објавено она што сме го напишале“.

И тогаш, но и од денешен аспект гледано, Блаже Конески изврши големо влијание врз целокупната наша тогашна поезија, а неговите песни во извесна смисла станаа и парадигма. Да се тргне од обичен, секојдневен детаљ, низ кој наеднаш ќе проблесне една префинета, ненаметлива животна филозофија и размислување. Таа едноставност пленуваше со своето поетско мајсторство и животната мудрост. Како што пленуваше и со својата исклучителна луцидност и авторитет како научник и лингвист.