Поезија од Јовица Тасевски–Етернијан објавена во американското универзитетско списание „Езра”

37
Во новиот број на американското универзитетско списание „Езра” се објавени избрани песни од афирмираниот македонски поет Јовица Тасевски–Етернијан препеани на англиски јазик. Поезијата на Етернијан ја препеа еминентната американска поетеса Џудит Скилман. 
„Езра” е специјализирано списание во кое се објавуваат преводи на англиски јазик на дела од познати светски автори и осврти за преведени книги. Списанието го издава Универзитетот „Роџер Вилијамс”, а уредник е проф. д-р Питер Томсон. 
Поезијата на Јовица Тасевски–Етернијан во списанието е објавена веднаш по новите препеви на англиски јазик на избрани песни од шпанскиот поет Рафаел Алберти, добитник на наградата „Златен венец” на Струшките вечери на поезијата и на низа други угледни награди, а во овој број читателите можат да прочитаат и песни препеани на англиски од класиците Сергеј Есенин и Отокар Бржезина, еден од најважните чешки автори на 20-от век, водечки симболистички поет кој неколку пати бил номиниран за Нобеловата награда, потоа препеви на песни од познатата современа португалска поетеса Роза Алиси Бранко, добитничка на престижната награда „Еспирал Мајор” за најдобра поетска книга објавена во Португалија, Бразил, Ангола и Галиција итн.
Јовица Тасевски–Етернијан е автор на шест поетски книги и на две книги со книжевни критики, есеи и студии. Негови песни се препеани на дваесетина јазици и објавени се во списанија и антологии во околу триесет држави. Ова е второ претставување на поезијата на Етернијан во реномираното списание „Езра” на Универзитетот „Роџер Вилијамс”, а освен во ова универзитетско списание, препеви на негови песни се објавени и во списанијата што ги издаваат Универзитетот на Арканзас, Универзитетот на Хаваи со седиште во Хонолулу, Универзитетот „Диакин” во Австралија и др.