Почнува 10. Меѓународен театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски”

29
Во Крива Паланка вечер ќе биде отворено 10. јубилејно издание на меѓународниот театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ со официјално доделување на признанието лауреат на годинашното издание на македонскиот актер Благоја Чоревски.На прес-конференција организацискиот одбор на фестивалот ја претстави годинашната програма и ја презентираше улогата на театарот во заедницата.

Гоце Ристовски, селектор на фестивалот, рече дека десетте години од отпочнувањето минале брзо, но веќе е изградено неговото место на културната мапа во Македонија и на Балканот.

– Идејата беше да се обидуваме, а резултатите покажуваат-успеавме во добра мерка, да направием нешто под мотото „Балкан без граници низ театарска игра“. И досега , како што знаете, а тоа ќе го потврди и годинашното издание, сме имале претстави од сите балкански соседи. И годинава има до Бугарија, Србија, Хрватска, а сме имале и од БиХ, Црна Гора. Ние успеваме да обезбедиме квалитет , препознатлив кој привлече бројна публика. Тврдам дека овој начин на работа, кој се темели главно на ентузијазам, не се среќава на други места. Се говори за фестивалот за гостопримството и организацијата на домаќините, така што, продолжуваме во таа насока и во иднина, рече Ристовски.

Лауреатот, познатиот македонски актер, Благоја Чоревски, посочи дека оваа награда му направила пресврт во кариерата, зашто е многу чиста и искрена.

– Кога ќе погледнам кој се бил лауреат, од Милица Стојанова, Мето Јовановски, Шенка Колозова, преку Јелена Жугиќ, Петар Темеловски, тоа се великаните на театарот, да се биде во нивно друштво, претставува чест. Доблесно е да кажам дека ако не се ентузијастите, веројатно ова досега ќе замрело, а десетка е голема бројка, и не зашто јас сум добитник на наградата, би инсистирал доколку можам да помногнам на кој било начин, да се помогне финансиски, да бараме повеќе средства за фестивалот, но и да се издигне скалило повисоко. Не знам дали во светски рамки има ваков фестивал кој носи име на светец и тоа му дава посебна возвишеност, додаде Чоревски.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски истакна дека е горд на заложбите во изминатите десет години од сите чинители за изданијата на фестивалот.

Официјалното отворање е вечер на плоштадот Карпошово Востание пред општината, со почеток во 20 часот. Организаторите ги повикаа сите љубители на комедијата од соседните општини и регионот да присуствуваат на фестивалските вечери кои ќе се одржуваат на сцената во НУ Центар за култура, Крива Паланка. Цената на влезниците е симболични 50 денари.