Награда за македонски автори на стрип-фестивал во Ваљево

47

На меѓународниот конкурс во рамки на Ваљевскиот стрип-фестивал, кој годинава ќе се одржи по вторпат во Ваљево, соседна Србија, за првпат со награда се закитуваат стрип-автори од Македонија. Тричленото жири во состав Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот – Белград, Миливој Костиќ, академски сликар и Дејан Богојевиќ, мултимедијален уметник, меѓу победниците едногласно ги вброија и Катерина Николовска-Тери од Скопје и Александар Стеванов од Штип. За стрипот „Мачорот кој сакаше да стане крал на светот”, тие се добитници на високото второ место.

„Исклучително многу ме израдува веста за наградата за овој стрип со кој емотивно сум врзан и кој е нетипичен од повеќе аспекти. А, прифаќајќи го ризикот наградата да ми биде одземена, причината за последното веројатно се должи на фактот што јас не сум вистинскиот автор на сценариото. Негови идејни творци, всушност, се моите некогашни домашни миленици – пекинезерчето Гизмо и мачорот Фигаро, чии палавштини само ги преточив во текстот од кој Катерина подоцна создаде вистинско волшебство од линии и бои”.Истиот стрип веќе зеде втора награда на конкурсот за назначајната стрип манифестација кај нас  Интернационалниот стрип салон во Велес, изјави сценаристот Стеванов.

Добитник на гран-прито на ова второ издание на Ваљевскиот стрип-фестивал е Небојша Василиќ, по чие дело, „Див јунаци”, годинава е именувана меѓународната изложба на која ќе бидат поставени најдобрите пристигнати дела. Првонаграден е авторот Никола Радосављевиќ за стрипот „Уморна”, а според одлуката на жирито, со третото место се закитуваат Марко Шерер и Сенка Милутиновиќ за стрипот „Како да се наслика портрет на птица”.

Kако и во случаите со фестивалите во Лесковац и Белград, Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес и овојпат зеде активно учество во популаризација на актуелното домашно стриповно творештво. На адреса на фестивалот во Ваљево, како што информира проект-менаџерот Томе Трајков, преку Стрип центарот биле испратени дури 17 дела на ,претежно, млади и талентирани македонски автори, од кои дел ќе бидат поставени на изложбата.

Ваљевскиот стрип-фестивал ќе биде отворен во петок, 21 декември, во 19:00 часот во галеријата при Центарот за култура во Ваљево, со официјалното прогласување на најдобрите дела и отворање на изложбата на стрип-табли.