МАНУ ќе промовира три изданија посветени на Блаже Конески

50
Фото Олд Прилеп

Македонската академија на науките и уметностите денеска напладне ќе промовира три изданија посветени на нејзиниот прв претседател, академик Блаже Конески, роден на денешен ден во 1921 година.

Ќе бидат промовирани „Епоха Блаже Конески“ од академик Георги Старделов, „Блаже Конески. Чествувања по повод јубилејот 50 години МАНУ“ – приредено од академик Луан Старова, и „Критички изданија за Блаже Конески“ во редакција на академик Милан Ѓурчинов.

Промоцијата со поздравно обраќање ќе ја отвори претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, а излагања ќе имаат и академиците автори – Старделов и Старова, и промоторите проф. д-р Иван Џепаровски и академик Катица Ќулавкова.

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993) – поет, филолог, книжевен историчар, преведувач, професор и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, е првиот претседател на МАНУ кој функцијата ја извршувал од 1967 до 1975 година.