Македонската филхармонија тргнува на турнеја во Кина

68

Од 26 декември до 8 јануари, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја оствари долгоочекуваната турнеја во Кина. Како што кажува и насловот на овој грандиозен музички проект, „7 концерти во 7 градови во Кина“, оркестарот на Македонската филхармонија во рамките на двонеделната турнеја ќе одржи седум концерти во седум импозантни концертни сали во: Хохот – во театарот Хохот, Таијуан – во Шанжи театарот, Тангшан – во истоимениот театар, Женгжу – во фасцинантното истоимено здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан.

Турнејата во Кина ќе ја предводи маестро Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години наназад е чест гостин-диригент со Македонската филхармонија. Како солисти ќе настапат кинескиот пијанист Хају Жанг, кој ќе го изведува Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Петар Илич Чајковски, како и виртузите на кларинети, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел, кои беа солисти и на Гала-новогодишниот концерт на Македонската филхармонија „Точно на полноќ“. На програмите на концертите во Кина се и дела од Гершвин, Бизе, Глинка, Штраус…

-Оваа турнеја е од голема важност за институцијата, бидејќи е прва турнеја во Азија и тоа со целиот симфониски состав- вели Виктор Илиески, директор на Македонска филхармонија.

-Од контактите кои што ги имаме во Кина, промоторите и менаџерите од оваа турнеја, се очекува да се отворат и дополнителни можности за настапи на Филхармонијата во други азиски држави. Драго ми е што еден од менаџерите беше присутен на отворањето на концертната сезона на Македонската филхармонија и тој беше презадоволен од нивото на филхармоничарите, а тоа е најбитната работа за организирање на вакви комплексни турнеи. Сакам да искажам голема благодарност и до кинеската амбасада во РМ која ни излезе во пресрет за визите, но и за нивното интересирање за целиот процес. Мило ми е што младите генерации кои се дел од оркестарот ќе имаат можност да го искусат концертирањето на друг континент, што е чест случај за големите светски оркестри. Оваа турнеја ќе биде огромна мотивација за сите музичари и се надевам дека, како и во Шпанија, ќе ја претставиме државата и институцијата, од секој аспект, на најдобар можен начин- додава Илиески.