“Емоции за еден град”– изложба за подобро утре

35

Изложбата Celebrate Life/ Емоции за еден град на дизајнерот Горан Костовски – Ind.o.g. ќе биде поставена на 18ти јануари 2019 година во галеријата Акантусво Дебар Маало со почеток во 20 часот.

Изложбата опфаќа илустрации кои што се цртани во периодот од 2014 до 2017 година. Секоја од нив засебно е карактер кој пренесува по некоја мисла за надеж и повторно оживување на самиот град, како и што претставува градот за луѓето и како тие би го подобриле во иднина. Илустрациите се инспирирани од реални ситуации од секојдневието и го коментираат загадувањето на воздухот во Скопје со ПМ10 честички кои што во изминатите десет години е од два до четири и пол пати повисоко од граничните вредности пропишани од ЕУ за квалитет на воздухот. Загадениот воздух е токму темата која што ќе ја обработува изложбата, а истата е инспирација и за новата капсулна колекција на дуксери која што ќе биде промовирана во рамки на изложбата.

Изложбата ќе биде отворена до 29 јануари 2019 година.

„ПроектотЕмоции за еден град е финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија”

Што е Celebrate Life:

Celebrate Life е создаден во 2011 година како платформа за дизајнирање на unisex облека и разни дизајнерски предмети и едукативни работилници веројатно во најтешките мигови на нашето општество. Покрај практичниот аспект, платформата има и филозофија зад себе – да се избегне мрачната и неподнослива состојба во секојдневието и да се потсетат луѓето на моментите кога танцуваат и ги слават убавите нешта. – Луѓето престанаа да се смеат. Заборавија на животот и радоста. Агресија, гнев и омраза насекаде и не препознавање на средината доведе до стадиум на размислување во нова форма на уметничкиот израз. Впрочем бедата се пренасочи во продуктивност. Своевиден потсетник за луѓето што повеќе да се радуваат бидејќи навистина е бесцелно да се троши енергија и време на грди работи. Celebrate Life е за моментите кога танцуваме и славиме убави нешта. Стилски различни, но оптимистични, концептот Celebrate Life имаше за цел од првата продукција на маици дел од средствата собрани од продажбата беа наменети за бездомните животни и за луѓе на кои им треба некаква помош. Иако секоја колекција со себе носи разни позитивни промени во општеството како возењето на точак, исчезнувањето на ноќниот живот во главниот град и појавувањето на новите музички предизвици, погледнувањето длабоко во себе да се пронајдеме кои сме и што сме, човековите права и родовата еднаквост, медитациите, вегетаријанството и здравиот начин на живот, чистиот воздух и уништувањето на животната средина тие секогаш се претставени на убав начин кој што има за цел да им ги доближи овие прашања на луѓето наоколу.