Денеска почнува 69. Берлински фестивал

Годинешната конкуренција за престижната „Златна мечка“ е исклучително силна, успевајќи да ја задржи својата традиција и да понуди филмови кои се, пред сè, оригинални, автентични и смели и кои на извонреден начин, на различните страни на светот, успеваат да ја детектираат реалноста, токму онаква каква што е.

62
Режисерката Лоне Шерфиг и актерите Бил Наи и Тахар Рахим, кои глумат во филмот на отворањето, „Љубезноста на странците“

Денеска во Берлин се отвора 69. издание на престижниот Филмски фестивал, кој заедно со Кан и Венеција е на самиот врв кога станува збор за филмските случувања во светот. Фестивалот ќе го отвори „Љубезноста на странците“ на данската режисерка, Лоне Шерфиг, со еден нетипичен филм за старт на фестивалот, кој не носи ниту ѕвезди, ниту каква било атракција, која би привлекла поголемо внимание. Не. Берлинале, некако, задржувајќи ја својата традиција, се одлучи за една „секојдневна“ драма и за еден, би рекле, независен филм (без оглед на неговиот буџет), каде што е најважна оригиналноста, смелоста и автентичноста, а со тоа, се разбира, давајќи му правец и на годинешниот фестивал.

„Љубезноста на странците“ носи една зимска приказна во Њујорк, во која се испреплетуваат повеќе судбини и во која акцентот е токму на топлината, на љубезноста, на вниманието, односно на она што тие мали гестови во некои моменти значат за секој од нас и на нивната сила да ги променат нештата.

Впрочем, годинешниот избор во многу нешта е таков. Таков е и во однос на темите, но и во однос на учеството на жените, чија застапеност годинава во главната програма, дефинитивно, го достигна рекордот со тоа што од 17 филма дури седум се на жени, односно режисерки. Но, за тоа веќе зборувавме, овде ќе се задржиме на годинешниот (најавен) профил на фестивалот, кој низ изборот на филмови и приказни толку добро ја детектира реалноста со која сме соочени повеќе или помалку.

Како што веќе се знае, во трка за Златна мечка годинава влезе и Македонија, и тоа со филмот на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“. И темата на Митевска некако на одличен начин се вклопува со годинешниот фокус ставен на жените во филмската индустрија, но и на рамноправноста, која нејзината хероина ќе се обиде да ја постигне со уривање на некои предрасуди и стереотипи.
Францускиот филм „По милоста божја“ на Франсоа Озон, кој по петти пат се враќа во Берлин, зборува за оние вечни теми, стареењето, семејството и пријателството.

Додека турско-германскиот автор Фатих Акин овој пат ќе се натпреварува со трилерот „Златната ракавица“, со кој се враќа во 1970-тите години, кога еден убиец сее страв меѓу жителите на Хамбург. Германско-српската копродукија, пак, „Јас бев дома, но“, го става во фокусот најголемиот ноќен кошмар за семејството, исчезнувањето на еден тинејџер, но она што е интересно е дека филмот ќе доживее пресврт со враќањето на момчето, што ќе предизвика сосем неочекувани рекации. А турската „Приказна за три сестри“ на Емин Алпер нè потсетува уште еднаш, не само за семејството, не само за сиромаштијата, не само за љубовта, туку и за кревкоста на судбината, фатена во стапицата на општествените и религиозните норми.

Првиот ден на Берлинале, 7 февруари, освен свеченото отворање и светската премиера на „Љубезноста на странците“, ќе биде посветен и на претставувањето на интернационалното жири, но и на уште еден филм од компетиција, монголскиот „Ондог“ на Ванг Куанан, кој ја има освоено Златната мечка за својот прекрасен филм, „Свадбата на Туја“. „Ондог“ повторно зборува за еден случај на убиство, но Куанан своите приказни секогаш неверојатно добро ги вклопува во сето она што е карактеристично за неговата земја. Неговата хероина во филмот има сосем поинакви планови за иднината од очекуваното, приближувајќи се до митовите на својата татковина. Мора да се каже дека годинава конкурецијата за награди е многу силна, па покрај споменатите, тука се и полската ветеранка Агњешка Холанд, канадскиот особен автор Денис Коте, кинеските наградувани имиња Ванг Ксиаошуаи и легендарниот Занг Јимоу, како и секогаш провокативниот норвешки режисер, Ханс Петер Моланд и други.

Веќе е комплетирано и главното жири, кое годинава го предводи француската актерка Жилиет Бинош. Членови на жирито се: германската актерка Сандра Хулер („Тони Ердман“), потоа режисерот од Чиле, Себастијан Лелио, кој освои многу награди со неговиот филм „Фантастична жена“, американскиот критичар Џастин Ченг, кураторот за филм во Музејот за модерна уметност во Њујорк, Рахендра Рој и британската актерка и продуцентка Труди Стајлер (за многумина позната и како сопруга на Стинг). Но, она што е необично е дека годинава жирито има само шест члена, за разлика од порано, а и секако невообичаен е парниот број.

Како и да е, да потсетиме дека годинава Македонија има големо учество на фестивалот, за првпат се бориме за Златна мечка, во рамките на „Шутинг старс“ ќе биде претставен Благој Веселинов, кој ја играше главната улога во „Исцелител“, а во Талент кампус е младата и надежна македонска актерка Сара Климоска, која играше во „Џган“, во „Види ја ти неа“ и една од главните улоги во новиот филм на Милчо Манчевски, „Врба“. На Фестивалот Агенцијата за филм ќе организира македонска вечер, ќе ги поддржи и промовира македонските филмови, ќе ја презентира Македонија како дестинација за снимање филмови, а наедно и условите, односно бенефициите што ги нуди нашата земја за странските продукции што би се снимале во нашата земја.