До 15 јануари конкурс за „Роман на годината“

42

Поради одлуката на Општина Центар да ја затвори читалницата „Славко Јаневски“, романите кои конкурираат за наградата „Роман на годината“ ќе се доставуваат во Културно-информативниот центар на Град Скопје (КИЦ) до 15 јануари – крајниот рок на конкурсот, соопшти Фондацијата „Славко Јаневски“.

Романите може да се поднесуваат секој работен ден (одговорно лице: Емилија Михајлова). Останатите услови од конкурсот остануваат исти: се пријавуваат пет примероци од романот или се праќаат по пошта на адреса Фондација „Славко Јаневски“, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ бр. 19-40-6, 1000 Скопје.

Од 1999 година изборот за наградата „Роман на годината“ го организираше редакцијата на  „Утрински весник“, а по неговото згаснување од лани  континуитетот на наградата го зачува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Оваа година организирањето на изборот и доделувањето на наградата „Роман на годината“ одбележува 20-годишен јубилеј.