Кулминација во македонско-бугарските односи: Патоказот излез од ќорсокакот со ветото?

epa07343100 Bulgarian Prime Minister Boyko Borisov (R) welcomes Macedonian Prime Minister Zoran Zaev (L), during the official meeting in Sofia, Bulgaria, 04 February 2019. Macedonian Prime Minister Zoran Zaev arrived on an official visit in Sofia. EPA-EFE/VASSIL DONEV

Бурниот викенд , полн со провокаци, навреди и тешки зборови на бугарските политичари и жестокиот напад на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека се распарчувала државата, како и сè поизразената поддршка од европските дипломати Македонија веднаш да ги почне преговорите за членство во ЕУ, се најава дека сме пред клучната  седмица за иднината на земјата.

Јавноста е во очекување дали и на кој начин ќе се реши уцената Македонија да прифати бугарски корени на идентитетот ако сака да преговара за членство во ЕУ и дали тоа ќе биде со документот-патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство за кој зборуваше шефот на дипломатијата Бујар Османи, а кој го побарала Бугарија.

Дипломатијата треба да го реши проблемот пред 8 декември, кога Самитот за општи работи на ЕУ е последната шанса Македонија да ги почне преговорите со ЕУ за време на германското претседателство и дотогаш мора да се најде бајпас за бугарското вето за преговарачката рамка.

Премиерот Заев викендов рече дека нема договорена средба со колегата Бојко Борисов и дека разговорите меѓу двете земји се на ниво на работни групи при министерствата за надворешни работи. Засега не е познато што содржат документите што ги разменуват двете земји, а во Собранието нема отчет на таа тема. Министрите Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Бојан Маричиќ во јавните настапи повторно беа децидни дека за македонскиот јазик и идентитет не се преговара.

За идентитетот и јазикот не се преговара

– Ќе направиме сè за да се најде решение, но никако на сметка на нашата црвена линија, македонскиот јазик и идентитет. Сакаме одржливо и корисно решение за двете земји – рече министерката за одбрана Шекеринска, која не сакаше да го прогнозира исходот.

Според вицепремиерот за европски прашања Димитров јазикот и идентитетот се резултат на историски процес и за тоа не се разговара ниту се преговара.

– Напорите уште продолжуваат. Немаме намера да се откажеме од европската иднина, ниту да дозволиме да биде допрен македонскиот идентитет – рече Димитров и потенцира дека е  тешко да се разбере како може македонскиот јазик да е пречка за добрососедски односи.

Министерот за правда Маричиќ рече дека нема разговори за јазикот и идентитетот, а може да се разговара само за динамиката и за начините на спроведување на Договорот за добрососедство.

– Не можеме да се откажеме од она што сме и што сме биле, Македонци кои зборуваат македонски јазик. Интерпретацијата на определени фази од историјата каде што сме имале личности или настани што нè врзуваат со Бугарија може да ги третираме како заеднички или споделени, и тоа е вредно за разгледување и за потенцирање, за евентуално научно предизвикување на некои вистини од нашата историографија. Но тоа е работа на историчарите – рече Маричиќ.

За патоказот како можно решение во петокот прв поопширно зборуваше министерот за надворешни работи Османи, според кого барањето на Бугарија да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска, а македонскиот јазик е кодифициран врз основа на западнобугарски дијалекти е рефлексија на создадената недоверба кон Договорот за добрососедство.

– Ако констатираме дека Договорот не испорачува доверба, можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, кој би бил дел од ЕУ-процесот, но не би бил формално во преговарачката рамка, бидејќи со тоа не се согласуваат другите земји – рече Османи.

Борисов: Комунистите ги претворија Бугарите во Македонци

Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева од ЕУ побара во преговарачката рамка за Македонија да бидат вклучени три точки –  формулација за официјалниот јазик, патоказ за реализирање на договорот и Скопје да се откаже од идејата дека во Бугарија има македонско малцинство, но ЕУ не дозволи. Сега Бугарија агресивно бара да се потпише анекс на договорот, во кој Македонија ќе ги прифати нивните барања, а последен за тоа зборуваше нивниот вицепремиер Красимир Каракачанов, кој рече дека она што го зборувал Заев во контроверзното интервју на БГНЕС треба да биде потврдено и со пишан документ. Тој потоа го навреди премиерот со зборовите „на Бугаринот му доаѓа паметот следниот ден, па така е и со Заев“, на што Заев му одговори дека е Македонец што зборува македонски јазик и дека разликите ги надминува со размена на идеи, а не со навреди. 

Провокација викендов стигна и од бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој во интервју за германкиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЦ) рече дека комумнистите насилно ги претвориле Бугарите во Македонци. На прашањето дали има излез од ќорсокакот во време кога Германија сака Македонија да почне да преговара со ЕУ, а Бугарија не дава, Борисов повтори дека Бугарија го сака тоа повеќе од Германија.

– За мене беше големо изненадување што неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за Бугарија го покрена прашањето за наводно македонско малцинство во Бугарија. Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? И бидејќи социјалистите во Бугарија гласаа за резолуцијата во ЕП, тие очигледно, исто така, веруваат дека такво малцинство живее со нас. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на РСМ, сега одиме кон една сосема поинаква дебата и навистина сум загрижен – рече Борисов за ФАЦ и додаде дека е можен е компромис, но морало да се знае и историјата.

– По Втората светска војна, бугарските комунисти и Kомунистичката интернационала, контролирани од сталинистичка Москва, сакаа Бугарите во Македонија да ги претворат насилно во Македонци од идеолошки причини. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Доколку се појават одредени погрешни прикази во текот на процесот на пристапување во ЕУ, а јас не реагирам, моите политички противници ќе речат: Борисов ја продава бугарската историја и се поклонува на притисоците од европските партнери – вели Борисов.

Аналитичарите излезот од ваквата сложена состојба го гледаат само во притисок од Германија, но времето за тоа истекува. Според политикологот Иво Ранѓеловиќ, Бугарија ќе го крене ветото, но тој не прогнозира кога ќе се случи тоа.

– Македонската јавност очекува мудрост и трпеливост во преговорите, наместо обид да се ревидираат историските факти. Бугарската позиција е да извлече утеха за одредени историски неуспеси на кои се осврнува со врзани очи. Јасно е дека на таквиот пристап не му е местото во 21. век, но и која било форма на понизност не треба да се поставува како цена за решавање на спорот. Затоа, сметам дека најважниот елемент е дипломатскиот притисок на ЕУ врз Бугарија, конкретно на Германија, која ќе се обиде да ги издвои билатералните спорови од европското чекорење на дражавата – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Мицкоски: Викендов се распарчува Македонија

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски викендов на протест пред Владата рече дека имал информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на идентитетот.

– До Заев и Владата, на памет да не ви паѓа да го начнете македонскиот идентитет. Ви ветувам заедно со овој народ овде, тоа диво месо ќе биде хируршки прецизно отстрането, а потоа не само за криминалот, и за велепредавствто ќе одговарате. Јас ви ветувам, кога-тогаш – рече Мицкоски и ги повика граѓаните секој ден на блокади.

На ова реагираше бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

– Мицкоски лаже и манипулира со секој збор за некои политички поени. Неговото тврдење дека Бугарија сака да ја распарчи Македонија, што ги плаши граѓаните, е апсолутна лага, измислица и глупост. Со своите лаги ја уништува европската иднина на македонските граѓани – рече Ковачев и потсети како досега Бугарија ѝ помогнала на Македонија.

Тој рече дека Софија на никаков начин не го доведува во прашање современиот македонски идентитет, туку само сакаат „да се обединиме околу историската вистина за да не нè раздели“.

САД и Италија бараат преговорите веднаш да почнат

Силна поддршка за Македонија наскоро да ги почне преговорите деновиве стаса и од САД и од Италија. Државниот секретар за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, во писмото до премиерот Зоран Заев му порача дека САД се посветени во поддршката на С. Македонија  и е разочаран што ЕУ не постигнала согласност за преговарачката рамка.

„Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција,“ потенцира Рикер.

Новоименуваниот амбасадор на Италија Андреа Силвестри порача дека билатералните прашања се важни, но тие треба да се држат настрана европското чекорење на земјите кандидатки. Тој вели историските процеси треба да им се доверат на историчарите за да се избегнат можни политизирања и поларизации и додава дека „Италија се бори со сите сили во Советот на министри што е можно побрзо да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот